
Потрагата на Барселона по нов стопер завршила без засилување, иако на клупската листа имало повеќе звучни имиња. Според „Мундо Депортиво“, Јошко Гвардиол бил решението што ги обединило Ханси Флик и спортскиот сектор, но хрватскиот репрезентативец имал поинакви планови.
За 24-годишниот дефанзивец заминувањето од Манчестер сити не било посакувана опција. Барселона ја проверила можноста за трансфер во минатиот летен преоден рок, но неговата намера да остане во Англија ја затворила таа врата. Кон крајот на јули, Гвардиол потпишал нов договор со Сити до летото 2031 година.
Неговите карактеристики целосно се вклопувале во замислата на Флик: левоног централен дефанзивец кој може квалитетно да одговори и како лев бек. Во каталонскиот клуб го оцениле како најкомплетниот кандидат, но откако тој станал недостапен, не успеале да најдат алтернатива прифатлива за сите.
Кај Алесандро Бастони пречката, според истиот весник, бил токму Флик. Иако 27-годишниот стопер на Интер наводно веќе постигнал договор со Барселона, германскиот тренер не го одобрил ангажманот. Неговата процена била дека Италијанецот ја нема потребната брзина за тактичките барања што ги поставува.
Флик имал поголема доверба во Жерард Мартин, кого од лев бек го преквалификувал во централен дефанзивец. Така, ниту подготвеноста на Бастони за преселба не била доволна за да се реализира трансферот.
Во текот на разгледувањето на опциите се појавиле и Мики ван де Вен, Ибрахима Конате, Нико Шлотербек, Маркос Сенеси, Кристијан Ромеро и Емерик Лапорт. Сепак, ниту едно од тие имиња не ги исполнило сите клупски критериуми.
Последен обид имало за младиот холандски стопер Руд Нијстад од Твенте. Во тој случај проблем биле финансиските барања на холандскиот клуб, кои Барселона ги сметала за превисоки. Преодниот рок така завршил без нов играч за срцето на одбраната.