
Ноќта пред натпреварите во Јувентус не му била по вкус на Кристијано Роналдо. По доаѓањето од Реал Мадрид во 2018 година, Португалецот тешко ја прифаќал навиката екипата заедно да престојува во хотел или во тренинг-центар, па побарал Мехди Бенатија да посредува кај тренерот.
Поранешниот марокански дефанзивец ја раскажа епизодата за „Канал+“. Таканареченото „ритиро“, вообичаено во италијанскиот фудбал, било нешто на што Роналдо не бил навикнат и сакал да провери дали може да се направи промена.
Бенатија прво му се обратил на Џорџо Кјелини и му објаснил дека Португалецот лично побарал помош. Потоа двајцата отишле кај Масимилијано Алегри, но барањето го претставиле како желба на неколку фудбалери, а не само на Роналдо.
Му посочиле дека тројца-четворица играчи, особено меѓу најголемите ѕвезди во тимот, би сакале да не одат во карантин пред натпреварите. Одговорот на тренерот, според сеќавањето на Бенатија, бил краток:
„Кој сака да оди во карантин, нека оди. Кој не сака, не мора.“
Бенатија во истиот разговор се навратил и на сопственото доаѓање во Торино. Во Баерн Минхен не успеал да се чувствува пријатно, а уште по два месеца во Германија почнал да се прашува дали го направил вистинскиот избор. По првата сезона веќе побарал да замине, со желба повторно да игра во Италија, која ја смета за свој втор дом.
Меѓу заинтересираните биле Јувентус, Интер и други клубови, а тој го избрал торинскиот тим. Таму настапуваше од 2016 до јануари 2019 година и освои две шампионски титули, два Купа на Италија и еден италијански Суперкуп. Токму во Јувентус, истакнал Бенатија, уште подобро ја согледал важноста на работната култура и дисциплината.
Фото: Bryan Berlin / Wikimedia Commons, CC BY-SA 4.0