
Враќањето на клупската сцена останува во плановите на Томас Тухел, но не и пред да ја заврши задачата со Англија. Германскиот стратег јасно порача дека сака да ја води репрезентацијата на Европското првенство во 2028 година, дури и ако во меѓувреме добие понуда од голем клуб.
Во договорот што го потпиша во февруари нема откупна клаузула, а според Тухел, нема ниту намера за предвремено заминување.
„Сакам да останам до Европското и да ја водам екипата на тој турнир. Имаме недовршена работа“, изјави селекторот. На дополнителното прашање дали тоа значи дека нема шанси да прифати клупска понуда пред ЕП 2028, одговори потврдно.
Темата се отвори во контекст на начелниот договор на Маурисио Покетино со Манчестер јунајтед за наследување на Мајкл Керик, чие заминување се очекува во наредните денови. За разлика од Тухел, селекторот на САД има откупна клаузула од седум милиони фунти.
Англија под водство на Тухел стигна до полуфиналето на летното Светско првенство во САД, каде што беше запрена од Аргентина. Потоа забележа три победи во четири натпревари во Лигата на нации, меѓу нив и убедливите 7-0 на гости кај Хрватска.
Тухел истакна дека довербата од раководството, соработката со стручниот штаб и односот со фудбалерите се важни причини поради кои е задоволен од сегашната работа. Амбициите му остануваат високи: трофеј во Лигата на нации и напад на европската титула.
Сепак, репрезентативниот ритам не може целосно да му го замени клупскиот. Поранешниот тренер на Челси, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен призна дека му недостигаат големиот број натпревари и чувството непосредно пред почетокот на средбите.
„Сè е подготвено, излегувате пред полн стадион, светлата се вклучени и возбудени сте што сте дел од тоа. Во тие две минути сфаќам колку сум среќен и благодарен. Потоа почнува натпреварот и мислите само како да победите. Во клуб тоа го доживувате на секои четири дена“, објасни Тухел, потврдувајќи дека по селекторската работа сака повторно да води клуб.
Во меѓувреме, тој би сакал Англија да биде домаќин и на завршницата од Лигата на нации. Англиската фудбалска асоцијација има можност да поднесе кандидатура, а Тухел гледа во тоа корисна подготовка за притисокот што ќе го донесе домашното Европско првенство.
Според него, настапите пред сопствената публика би помогнале екипата полесно да се справи со очекувањата и да го пренесе на натпреварите она што го покажува на тренинзите. Сепак, нагласи дека најнапред треба да се обезбеди пласман во завршницата.
Англија моментално е втора во групата Ц, со три бода помалку од лидерот Шпанија и шест повеќе од третопласираната Хрватска.
Фото: Sky Sports