
Пет последователни порази го означија крајот на кратката епизода на Жељко Копиќ во Вјечиста Краков. Полскиот прволигаш ја прекина соработката со 49-годишниот хрватски тренер по саботниот неуспех против Горник Забже со 1:2.
Копиќ го презеде тимот на 26 август на местото на Казимјеж Москал, но за нешто повеќе од два месеца не успеа да донесе резултатски пресврт. Вјечиста по 14 првенствени кола е на последната позиција со осум бода.
Неговиот биланс опфаќа десет настапи во првенството и еден во Купот на Полска: осум порази, две нерешени средби и само една победа. Интересно, единствениот триумф, со 3:0 против Висла Плоцк, Копиќ го следеше од трибините поради суспензија. Покрај теренот тогаш екипата ја водеше неговиот помошник Флорентин Петре.
Клубот потврди дека со Копиќ заминуваат и Петре и аналитичарот Космин Бујор. Во објавата со која беше соопштена разделбата, Вјечиста им се заблагодари на членовите на стручниот штаб за работата и посветеноста и им посака успех во продолжението на кариерите.
Хрватскиот стратег зад себе има ангажмани во двата големи хрватски клуба. На клупата на Хајдук седна во ноември 2017 година и остана до септември 2018, а со сплитскиот тим стигна до финалето на Купот на Хрватска, каде што загуби од Динамо.
Подоцна работеше во кипарски Пафос, а во декември 2021 го презеде и Динамо Загреб. Неговиот престој на „Максимир“ траеше до април 2022 година. Во хрватскиот фудбал ги водеше и Загорец, Сегеста, Лучко, Цибалија, Загреб и Славен Белупо.
Фото: Index.hr