
Потрагата по нов кошаркар отвори уште еден фронт во сопственичкиот спор во Макаби Тел Авив. Ричард Диц, еден од малцинските сопственици, јавно ги отфрли обвинувањата на Пини Гершон дека токму тој го задржува реализаирањето на засилувањето.
Поранешниот тренер на Макаби во поткастот „Ал Хабазер“ на „Израел Хајом“ тврдеше дека спортскиот директор Клаудио Колдебела веќе имал кандидати и пари на располагање, но дека дополнителните прашања од Диц ја забавувале постапката. Гершон се повика на електронска преписка. Сепак, „Израел Хајом“ нагласи дека таа во тој момент не била јавно објавена и дека причините за доцнењето не можеле независно да се утврдат.
Диц во соопштението од 30 октомври понуди сосема поинаква верзија: не само што не го блокирал ангажманот, туку, според него, инсистирал веднаш да се донесе нов играч.
„Можам категорично да кажам дека ова е лажна вест. Всушност, вистината е спротивна“, порача Диц.
Како аргумент дека неговото мислење не ги запира клупските одлуки, тој ги посочи летните трансфери. Според Диц, мнозинскиот сопственик Уди Реканати, кој има 58 отсто од акциите, ги одобрил сите тогашни ангажмани без да го земе предвид неговиот став. Диц тврди и дека бил игнориран кога давал забелешки за договорите.
Во својата верзија на настаните, тој ја опиша и комуникацијата по повредата на Ифе Лундберг на тренингот на 20 октомври. Наведе дека пет дена не добил никаква информација за можни замени, сè до пораката со опции што Колдебела ја испратил на 25 октомври.
Според Диц, првичната задача на спортскиот директор била да најде релативно евтин млад кошаркар со простор за напредок, по можност од израелската лига. Тој вели дека не бил консултиран за таквиот пристап и смета дека насоките можеле да дојдат само од Шимон Мизрахи или од Реканати.
Кога добил потесен список и поширок скаутинг-извештај, Диц, како што тврди, одговорил во рок од три часа. Побарал конкретен предлог: кој играч го сака спортскиот сектор, зошто го избира и како може да се реализира неговото доаѓање.
Тој дополнително наведе дека Мизрахи и Реканати ја изразиле подготвеноста за нов ангажман дури откако самиот јасно ја поддржал итната реакција. Притоа ги обвини дека во своите одговори го изоставиле делот од преписката со неговите пораки, што, според него, можело да послужи за создавање погрешна слика за неговата улога.
Диц соопшти дека кон изјавата приложил преписка со прикриени чувствителни спортски и финансиски податоци и побара поголема транспарентност во клубот.
Оваа расправија се надоврзува на поширокиот спор околу сопственоста и управувањето со Макаби. Во претходно обраќање, Диц најави арбитража и планирана медијација, а го оспори и статусот на одредени трансакции со акции.
Фото: Eurohoops