
Една забелешка за изговорот го стави Тјери Анри во центарот на вниманието на свеченото доделување фудбалски награди во лондонскиот „Паладиум“. Француската легенда ја прекина водителката Кејт Скот за да ја поправи при најавата на наградата „Сократес“, а нивната размена доби различни толкувања.
Повод беше начинот на кој Скот го изговори името на признанието. Анри направи разлика меѓу античкиот филозоф Сократ и бразилскиот фудбалер Сократес Бразилеиро, по кого е именувана наградата.
Публиката во салата реагираше со смеа, но на социјалните мрежи немаше единствен став. За дел од корисниците, Анри немал потреба на тој начин јавно да ја поправа својата колешка. Други ја видоа сцената како уште една од нивните вообичаени шеговити размени, без лоша намера.
Анри и Скот со години делат телевизиско студио на „Си-би-ес Спортс“, каде што со Мика Ричардс и Џејми Карагер ја следат Лигата на шампионите. Нивните настапи пред камерите се препознатливи по опуштениот пристап и меѓусебните шеги, што беше и аргумент на оние што застанаа во одбрана на Французинот.
Наградата „Сократес“ го вреднува придонесот надвор од фудбалскиот терен — хуманитарната работа и општествениот ангажман на фудбалерите и фудбалерките. Името го носи во чест на легендарниот Бразилец, познат и по својата општествена активност.
Признанието на крајот му припадна на крилниот напаѓач на Арсенал, Бу кајо Сака, за неговата долгогодишна хуманитарна работа и помошта за деца на кои им е потребна поддршка.
Фото: Web Summit / Wikimedia Commons, CC BY 2.0