
Помали димензии, помалку килограми и поедноставни погонски системи – тоа е насоката во која ФИА ја подготвува следната генерација болиди во Формула 1. Покрај планираниот премин кон В8-мотори, една од главните цели е минималната тежина повторно да падне под 700 килограми.
Сегашната граница изнесува 768 килограми, откако правилата за 2026 донесоа намалување од 30 килограми во однос на претходниот циклус. За новиот пакет се разгледува уште поголем чекор, со кој болидите првпат по 2016 година би се вратиле под границата од 700 килограми.
Директорот на ФИА за едноседи, Николас Томбазис, смета дека таквата амбиција е остварлива без отстапки во безбедноста. Според анализата на федерацијата, од приближно 200 килограми додадени во последните две децении, само околу 40 директно произлегуваат од безбедносните подобрувања, меѓу кои се хало-системот и зајакнувањата на шасијата.
Намалувањето на тежината треба да дојде од три главни области. Првата е погонската единица. Иако самиот В8-блок би бил малку поголем од В6, понискиот турбопритисок и поедноставните доводни и издувни системи би овозможиле заштеда на маса.
Се предвидува и помал електричен дел од погонот, што значи помала батерија и покомпактен МГУ-К. Томбазис посочува дека таквата компонента потенцијално би можела да се смести странично до моторот, со што би се олеснила и целата инсталација.
Втората област се димензиите на болидот и тркалата. ФИА ја разгледува можноста за помали фелни од сегашните 18-инчни, но не и враќање на 13-инчните што се користеа до 2021 година. Се проценува дека преминот на поголеми тркала во 2022 додал околу 25 килограми преку гумите.
Третиот дел е поврзан со ефектот што полесниот болид го има врз останатите компоненти. Помалата маса би овозможила пониски оптоварувања и помалку тешки аеродинамички елементи. Според Томбазис, само разликата во тежината би донела меѓу две и пол и три секунди по круг, простор што потоа може да се искористи за намалување на аеродинамиката и подобро однесување на гумите, без промена на времињата по круг.
Тој очекува преговорите да донесат одредени компромиси, особено околу трошоците, но верува дека конечниот пакет сепак може да ја исполни целта за болиди под 700 килограми.
Враќањето на полнењето гориво, пак, има сè помала поддршка. Потенцијално поголемата потрошувачка со В8-моторите повторно го отвори тоа прашање, но ниту тимовите ниту ФИА не се наклонети кон такво решение.
Освен безбедносните ризици и дополнителните трошоци, Томбазис предупредува дека полнењето гориво однапред ги ограничува прозорците за застанување во бокс. Со тоа тимовите би имале помалку простор да ја менуваат стратегијата според текот на трката.
Затоа во разговорите се разгледува задржување некаква форма на турбополнач и кај В8-погонот, за моторите да останат ефикасни. Конечна одлука сè уште нема. Томбазис проценува дека би можеле да бидат потребни дополнителни 20 до 25 килограми гориво, но очекува заштедите на остатокот од болидот убедливо да ја надминат таа разлика.
Новите правила се подготвуваат за најдоцна 2031 година, а консултациите со тимовите, производителите и возачите веќе се во тек. Претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулајем, сака основната рамка да биде договорена до крајот на годината.
Доколку тоа се случи, би се отворил простор за договор промените да почнат уште во 2030 година. Засега станува збор за желба и предмет на преговори, а не за потврден датум.