
Македонската женска ракометна репрезентација со победа го отвори „Трофеј Македонија“, откако денеска убедливо ја совлада Србија со 29-21.
Избраничките на селекторот Игор Марковиќ, кој денеска дебитираше на македонската клупа, одиграа сигурен натпревар и во текот на сите 60 минути го контролираа резултатот. Србија ниту еднаш не успеа да дојде до водство, а отпорот го одржуваше само во почетниот дел од средбата.
По израмнетите први 15-тина минути, Македонија постепено го презеде целосно натпреварот во свои раце и почна да ја зголемува предноста. На полувреме нашата репрезентација замина со убедливи 17-9.
Во вториот дел Македонија рутински ја одржуваше стекнатата предност, а Србија во ниту еден момент не успеа сериозно да го загрози македонското водство. На крајот резултатот гласеше 29-21.
Најефикасна во македонскиот состав беше Сара Ристовска со седум гола, а искусната ракометарка беше прогласена и за најдобра поединка на натпреварот. Ангела Јанкуловска и Ива Младеновска постигнаа по пет гола, додека Емилијана Ризовска се запиша четири пати во листата на стрелците.
Кај Србија, најрасположена за игра беше Александра Васиќ, која исто така постигна седум погодоци.
Македонија утре од 17:30 часот ќе го одигра вториот натпревар на турнирот против Црна Гора, додека настапот на „Трофеј Македонија“ ќе го заврши в сабота со дуелот против Хрватска, кој е закажан за 19:00 часот.
Претходно денеска Хрватска и Црна Гора одиграа нерешено 20-20.