Дома Останати Ракомет Вардар не разочара, но загуби од Мелсунген

Вардар не разочара, но загуби од Мелсунген

Ракометарите на Вардар одиграа борбен натпревар, но сепак останаа без бодови на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ на гостувањето кај Мелсунген загубија со 33-31.

Македонскиот шампион подобро го отвори натпреварот и во почетните минути неколкупати имаше минимална предност. По 4-4, сепак, домаќините за првпат поведоа и оттогаш ја презедоа контролата врз резултатот.

Мелсунген во најголемиот дел од првото полувреме имаше предност од два до три гола, но Вардар не дозволуваше Германците да се одлепат. Особено расположен беше Воркапиќ, кој беше безгрешен од линијата за седум метри и го одржуваше својот тим во игра.

Во финишот Вардар доби шанса да израмни, но не ја искористи, па Мелсунген на паузата замина со минимални 16-15.

И во вториот дел домаќините го контролираа резултатот, а во еден момент стигнаа и до највисоките пет гола предност – 24-19. Сепак, Вардар повторно покажа карактер и не дозволи натпреварот да биде решен.

Клучен момент во финишот беше влегувањето на Гогов, кој веднаш донесе сигурност на голот и со неколку одбрани му помогна на Вардар целосно да се врати во игра. Македонскиот тим во последните десетина минути стигна до само еден гол негатива – 28-27.

По шестата одбрана на Гогов во второто полувреме, Вардар доби нова можност за израмнување, но повторно не реализираше. Мелсунген веднаш казни и повторно замина на плус два, што се покажа како еден од пресудните моменти на натпреварот.

До крајот германскиот состав успеа да ја задржи минималната предност и да стигне до победа од 33-31.

Воркапиќ беше најефикасен кај Вардар со девет гола од 11 обиди, Љевар постигна седум, а Абделак пет. Кај Мелсунген, Дростен и Гола постигнаа по пет гола. Поранешниот вардарец Криштопанс се запиша во листата на стрелци само еднаш, во самиот финиш.

Гогов натпреварот го заврши со осум одбрани, сите во второто полувреме, додека Валах имаше три интервенции.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Ракомет

Проверете

Трагедија во Љубљана: Загина млад ракометар, го прегазил автомобил!

Утрово од Љубушки пристигнаа трагични вести кои длабоко ја потресоа целокупната јавност во…