
Башкими го доби „дербито на дното“ против Скопје со 2-1 и конечно стигна до првите бодови во новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Кумановскиот тим пред денешниот натпревар имаше пет порази од исто толку натпревари, но на теренот на ФФМ одигра подобро и заслужено дојде до победата. Скопје, пак, останува единствениот тим без триумф во шампионатот, но има три освоени бода благодарение на трите ремија.
Башкими прв стигна до предност во 28. минута. Да Силва ја затресе мрежата на Скопје и му донесе водство на својот тим, кое кумановчани го задржаа до паузата.
Домашниот состав беше принуден да брка резултат во второто полувреме, а ситуацијата дополнително му се искомплицира во 62. минута. Адис Мурати погоди за 2-0 и се чинеше дека Башкими сигурно ќе ги освои бодовите. Сепак, Скопје брзо се врати во игра. Само седум минути подоцна, Али Адем беше прецизен од белата точка и го намали резултатот на 1-2.
Во завршницата домаќините се обидоа да стигнат до израмнување, но немаа доволно сили за втор погодок. Така, Башкими го прослави првиот триумф и трите бода ги понесе за Куманово.
По пет одиграни кола, Скопје и Башкими имаат по три бода и се наоѓаат на последните две позиции на табелата.