
Шкендија продолжува со перфектниот старт во новата сезона во ПМФЛ. Тетовскиот состав денеска славеше со 2-0 на гостувањето кај Силекс во Кратово и по пет одиграни кола останува со максимални 15 бода.
Во дербито на финалистите од Купот на Македонија се играше тврдо и претпазливо, со малку вистински шанси пред двата гола. Шкендија беше за нијанса подобар противник, што на крајот се покажа доволно за да стигне до нова победа.
Гостите ја затресоа мрежата во 35. минута преку Нзенгуе, но по интервенцијата на ВАР голот беше поништен поради офсајд. Така, на паузата се замина без голови.
Темпото и сликата на теренот не се променија значително ниту во вториот дел. Шкендија сепак успеа да го пронајде патот до мрежата во 53. минута. По едно нафрлување во шеснаесетникот, најдобро се снајде Меличи и со прецизен удар го совлада Џеков за 1-0.
Силекс се обиде да одговори, но тетовци одиграа искусно и не му дозволија на домаќинот да создаде посериозна шанса за израмнување. Точка на натпреварот стави Нзенгуе во 87. минута, кога конечно успеа да се запише во листата на стрелци и ги постави конечните 2-0.