
Ливерпул и Пари Сен Жермен во моментот водат клучни преговори со цел да ги разјаснат своите конечни позиции околу цената на Брадли Баркола, тврди Дејвид Орнстин.
Како што е познато, францускиот репрезентативец е главна трансферна цел за тимот од Ливерпул, а и самиот фудбалер сака да ја продолжи својата кариера на “Енфилд”. Двата клуба долго време водат комуникација, но Парижаните бараа 145 милиони фунти за крилото, додека Ливерпул беше подготвен за договор од околу 100 милиони фунти.
Последниве неколку дена се зборува дека Парижаните веќе ги намалиле своите барања и дека клубовите ги доближиле своите позиции, па секој момент се очекува официјалната понуда од Ливерпул. Веројатно тоа ќе се случи по денешните преговори, кои Орнстин ги оценува како “клучни”.
Од “Скај спортс” додаваат дека денешните преговори биле “позитивни”.
Се очекува ПСЖ и Ливерпул да се најдат некаде на средината и да склучат договор вреден околу 120 милиони фунти.
Баркола одигра 49 натпревари за францускиот тим минатата сезона, придонесувајќи со 13 голови и седум асистенции, играјќи важна улога во освојувањето на титулата во Лига 1 и Лигата на шампионите. Тој претежно игра на левото крило, но може да дејствува и на спротивниот фланг, што го прави посебно важен за Ливерпул, кои имаат цел да привлечат две крила до завршувањето на летниот трансфер прозорец.