
Напаѓачот Жан-Филип Матета влезе во сериозен конфликт со својот клуб Кристал Палас, и го однесе нивниот спор до ФИФА со тврдење дека последните месеци од неговиот договор треба да бидат анулирани. Французинот тврди дека последната година од неговиот договор со Кристал Палас е неважечка и поведе случај пред светската фудбалска организација. Во 2024 година, клубот ја активираше опцијата за продолжување на договорот на играчот, кој според сегашните услови истекува на крајот на оваа сезона. Сепак, 29-годишниот фудбалер смета дека договорот требало да биде раскинат, што би му овозможило да стане слободен агент летово.
Случајот на Матета првично беше разгледан од независен трибунал според правилата на Премиер лигата. Потоа, тој се обрати до ФИФА, но оттаму порачаа порано оваа недела дека анулирањето на договорот не е во нивната јурисдикција.
Во меѓувреме, Кристал Палас одби понуда од Астон Вила за напаѓачот, и се очекува други клубови да се обидат да го привлечат во последните денови од трансферниот прозорец.
Матета, кој започна како стартен играч во првиот натпревар на Палас за сезоната против Евертон во саботата, се приклучи на клубот од Мајнц 05, првично на заем во траење од 18 месеци. Во јануари 2022 година, тој потпиша постојан договор за четири и пол години, кој вклучуваше опција за продолжување со дополнителни 12 месеци.
Матета се обидуваше да го напушти Палас целата година и беше блиску до тоа преку јануарскиот трансферен прозорец, кога беше на чекор до трансфер во Милан. Двата клуба договорија трансфер вреден 35 милиони евра. Сепак, договорот пропадна во последен момент поради проблеми со коленото на напаѓачот.