
Машката тениска репрезентација на Македонија успешно ја оствари својата цел на турнирот од Дејвис купот во Молдавија, обезбедувајќи пласман во Втората светска група.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
По почетниот неуспех против домаќинот, македонските тенисери покажаа карактер и нанижаа три последователни победи. Во последното коло тие ја совладаа Црна Гора со 2-1 и го потврдија напредокот во повисок ранг на натпреварување.
Претходно, избраниците на Македонија убедливо го совладаа Косово со 3-0, а потоа беа поуспешни и од Грузија со 2-0. Решавачкиот триумф беше остварен денеска против црногорската селекција.
Во првиот сингл меч, Калин Ивановски славеше против Кнежевиќ во два сета со 6-2 и 6-4, носејќи ѝ водство на Македонија. Црна Гора возврати преку Јовановиќ, кој беше подобар од Проходко со 6-4 и 7-5, па победникот мораше да се одлучува во натпреварот во двојки.
Таму македонскиот тандем Ивановски/Проходко одигра одличен меч и со 7-6 и 6-2 ги совлада Кривокапиќ и Јовановиќ. Со оваа победа Македонија го заокружи успешниот настап во Молдавија и го обезбеди местото во Втората светска група на Дејвис купот.