
НЕЈМАР не е повикан на собирот на бразилската репрезентација за пријателските натпревари против Франција и Хрватска од крајот на март. Ѕвездата на Сантос изрази жалење поради тоа што селекторот Карло Анчелоти не го вклучи на листата, но истакна дека неговата целосна концентрација останува насочена кон настапот на Светското првенство, пишува ge.globo.com.
“Морам ова да го кажам бидејќи не може да помине незабележано. Неможам да молчам. Секако дека сум вознемирен и тажен што не сум повикан. Но, фокусот останува, ден за ден, тренинг за тренинг, натпревар по натпревар. И натаму сме концентрирани. Ќе ja оствариме нашaтa цел. Пред нас е уште конечната листа”, изјави Нејмар.
Последна шанса за Светско првенство
Street Workout Macedonia – Движење што гради сила, карактер и издржливост | Уште еден поткаст
Нејмар сега има само уште една можност за повик во репрезентацијата пред почетокот на Светското првенство во Соединетите Американски Држави. Италијанскиот селектор ќе ја објави конечната листа на 19 мај, а до тогаш, Нејмар ќе одигра десет натпревари во првенството за Сантос, два во Купот на Бразил и четири во Копа Судамерикана.
Останува да се види дали ќе биде физички подготвен за сите тие предизвици и дали ќе успее да го убеди Анчелоти дека конечно достигнал врвна форма, што е клучен услов од бразилскиот селектор.
Оваа година, Нејмар за Сантос одигра само четири натпревари и постигна два гола со две асистенции. Пропушти натпревар против Мирасола со цел да се зачува и да го контролира оптеретувањето, а токму тој натпревар од трибините го следеше селекторот Анчелоти. Се верува дека изоставувањето од тој меч му ги намали шансите за повик во репрезентацијата за претстојните пријателски средби.
Бразилската репрезентација ќе се собере за шест дена во Орландо, Флорида.