
Македонскиот голман Мартин Томовски продолжува да блеска во дресот на Битигхајм, повторно имајќи клучна улога во најновата победа на неговиот тим. Со дури 20 одбрани, Томовски беше несомнено најважната фигура во триумфот над Крефелд и оправдано се најде во идеалниот тим на колото.
Формата што ја прикажува Македонецот е една од причините што Битигхајм се држи на второто место на табелата и сериозно чекори кон пласман во елитната Бундес-лига.
Од лозје до чаша: Уметноста на виното со Теодор Бојаџиев | Уште еден поткаст
Неговите бројки по 11 одиграни рунди се импресивни – Томовски е лидер во лигата по број на одбрани (вкупно 120), а доминира и во ефикасноста со неверојатни 36,3% успешност. Зад него е само Бохман од Хаген со значително понизок процент од 32,6%.
Македонскиот репрезентативец дели прво место и по број на одбранети седмерци (10), а со своите два постигнати гола и четири асистенции е меѓу најпродуктивните голмани во лигата и во овие статистички категории.
Јасно е дека Томовски е еден од највпечатливите играчи во Втората Бундес-лига и со ваквите настапи силно најавува дека е подготвен за настапи во германската ракометна елита.