
Можен соседски дуел во баражот за Лигата на нации не го загрижува Сергеј Барбарез. Селекторот на Босна и Херцеговина смета дека неговиот тим има квалитет да се спротивстави и на Хрватска и на Србија, па ниту една од нив не ја става на списокот со непосакувани противници.
Во разговор за „Вијести.ба“, Барбарез нагласи дека неговиот став се однесува исклучиво на фудбалот и на односот на силите на теренот.
„Можеби има три, четири или пет репрезентации против кои не би сакал да играме, но тие не се на тоа ниво. Во моментов немаме проблем да играме такви натпревари. Зборувам, секако, од спортски аспект“, изјави селекторот на БиХ.
На дополнителното прашање дали неговите фудбалери навистина можат да им парираат на Србија, а особено на Хрватска, Барбарез одговори со двојна потврда: „Сигурно. Сигурно.“
БиХ го обезбеди баражот со второто место во групата Б4 и ќе се бори за влез во Лигата А. Хрватска, пак, ќе ја брани позицијата во најсилниот ранг, откако заврши трета во групата А3. Во завршницата загуби од Англија со 2:1, а со истиот резултат ја совлада Чешка.
Ждрепката е закажана за петок, 20 ноември, од 12 часот во Нион, додека бараж-натпреварите ќе се играат во март 2027 година. Покрај Хрватска и Србија, можни ривали на репрезентацијата на Барбарез се и Норвешка и Велс.
Фото: Index.hr