
Во денешното коло од Првата македонска фудбалска лига беа одиграни два натпревари, на кои доминираа домаќините. Во Тетово, Шкендија со убедливи 7-2 ја совлада Македонија Ѓорче Петров, тим кој настапи со младинци поради суспензијата на првиот тим. Новиот сопственик на клубот од Ѓорче реши да ги санкционира фудбалерите кои штрајкуваа за неисплатени плати, па на теренот се најдоа играчи од младинскиот погон, одлука што резултираше со вистински дебакл.
Мечот започна фуриозно за Шкендија, Мазари погоди уште во 9. минута, а само седум минути подоцна Рамадани зголеми на 2-0. Македонија ЃП преку Етеми успеа да намали на 2-1, но по промашениот пенал на Адеми, домаќините повторно ја презедоа контролата, Мелиќи погоди за 3-1, резултат со кој се замина на одмор.
Данска vs. Македонија: Како тие се справуваат со отпадот, додека ние се расправаме кој е крив?
Веднаш по паузата, Мазари повторно беше стрелец, а потоа во листата на стрелци се впишаа и Адеми, Белица и Љатифи. Во финишот на мечот, Сулејмани успеа да постигне утешен гол за Ѓорче Петров, за конечни 7-2 во корист на Шкендија.
Слична приказна се одигра и во Кратово, каде Силекс го прегази Шкупи со 5-1. Домашните уште по првото полувреме водеа со 4-0, двапати прецизен беше Алиќ, а по еден гол постигнаа Мигуел Пирес и Мирчевски. Во вториот дел Рибеиро намали на 4-1, но Мирчевски со својот втор гол го постави конечниот резултат и потврди убедлив триумф на кратовци.
Денот во ПМФЛ помина во знакот на голеадите, дури 15 голови на два натпревари и јасна порака од фаворитите дека сериозно влегуваат во завршницата на есенскиот дел од сезоната.