
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, го соопшти списокот на повикани играчи за претстојните натпревари — пријателскиот меч со Летонија во Скопје и клучниот дуел со Велс во Кардиф, кој ќе одлучува за нашата судбина во квалификациите за Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико.
На денешната прес-конференција, Милевски се осврна и на својата иднина на селекторската позиција, истакнувајќи дека неговиот договор со Фудбалската федерација на Македонија истекува на крајот на ноември, но дека моментално мисли само на натпреварите што претстојат.
Данска vs. Македонија: Како тие се справуваат со отпадот, додека ние се расправаме кој е крив?
„Фокусиран сум исклучиво на Велс и Летонија. Сè друго во овој момент е споредно. Не е важно дали ќе останам селектор, туку да дадеме максимум и да бидеме најдобри што можеме на овие два меча“, изјави Милевски.
Тој повторно ја нагласи својата загриженост околу минутажата на дел од репрезентативците во нивните клубови, но потенцираше дека на собирите со националниот тим секогаш добиваат најмногу од себе.
„Не можам да бидам незадоволен од тоа што го покажуваат во дресот на Македонија. Момците имаат серија од 14 меча без пораз во официјални натпревари и секогаш играат со срце. Тоа е најважно“, додаде селекторот.
Македонија најпрво ќе го пречека составот на Летонија на 13 ноември во Скопје, а пет дена подоцна ќе гостува на Велс во меч кој може да ја одреди нашата иднина на патот кон Мундијалот.