
Сет Кари ќе му се придружи на неговиот брат Стефен во тимот на Голден Стејт Вориорс откако договори едногодишна соработка со калифорнискиот состав, објавуваат американските медиуми. Сет Кари наводно доаѓа со договор кој не е целосно гарантиран, што ќе му даде шанса за работа со клубот во текот на целиот тренинг камп.
Сет Кари, кој сега има 35 години, минатата сезона во дресот на Шарлот Хорнетс водеше во лигата по прецизност на шутот за три поени, погодувајќи 45,6 проценти од своите обиди зад линијата за тројка. Неговата кариера во однос на процентот на шут за три поени, кој изнесува 43,3 проценти, го става на второ место меѓу активните играчи, веднаш по Лук Кенард со 43,8 проценти и малку пред Стефен Кари кој има 43,2 проценти.
Македонија се дави во ѓубре - решението го бараме во Данска
Сет Кари се наоѓа на седмото место во историјата на НБА по прецизност на шутот за тројка, додека на врвот на листата е тренерот на Голден Стејт, Стив Кер, со 45,4 проценти. Сет ќе се приклучи на својот десетти НБА тим. Во НБА дебитираше во сезоната 2013/14, играјќи една игра за Мемфис Гризлис и Кливленд Кавалирс.
По тоа следеа настапи за Феникс Санси, Сакраменто Кингс, Далас Маверикси, Портланд Трејл Блејзерси, повторно во Далас, Филаделфија Севентисиксерс, Бруклин Нетси, трет пат во Далас и за Шарлот Хорнетс.
Минатата сезона за Шарлот имаше просек од 6.5 поени со 1.7 скока и 0.9 асистенции во 15.6 минути на 68 натпревари (14 како стартер). Во 550 натпревари низ неговата кариера (224 како стартер), Сет постигнуваше во просек по 10,0 поени, 2,0 скока и 1,9 асистенции по натпревар. НБА предсезоната веќе започна, а регуларната сезона започнува на 21 октомври.