
Само шест месеци по трансферот на Матијас Амугу во клубот за 15 милиони евра од Сент-Етјен, Челси одлучи да се раздели со младиот играч од средниот ред, иако потпиша на осум години.
Одлуката 19-годишниот Французин да замине во Стразбур ги изненади навивачите, со оглед на тоа што Амугу беше претставен како голем талент и можен наследник на Моисес Каиседо. Челси го донесе во момент кога Ромео Лавија и Карни Чуквуемека беа повредени, а клубот имаше итна потреба од засилување во средината на теренот.
Вардар, Работнички, Силекс, Шкендија – Кој ќе блесне во Европа!? ↓↓↓
И покрај високиот износ на инвестицијата и големите очекувања, Амугу не успеа да се наметне во првата екипа. Дебитираше во Премиер лигата против Саутемптон, каде одигра седум минути, додека против варшавска Легија доби 15 минути во Конференциската лига.
Во меѓувреме, пристигна и Андреј Сантос, што дополнително ја зголеми конкуренцијата во средниот ред. Стразбур остана без Сантос, кој се врати од позајмица, а капитенот Хабиб Диара се пресели во Сандерленд за рекорден износ, што отвори простор за Амугу.
Според извештаите на „л’Eкип“, младиот играч од средниот ред потпиша договор на пет години со францускиот клуб, каде веднаш ќе биде дел од првата екипа и ќе има значителна улога. Челси вклучи клаузула за откуп во договорот, што им овозможува да го вратат Амугу по претходно дефинирана цена. Не е наведено дали и колку Стразбур ќе му плати на Челси.
Амугу е дел од младинската репрезентација на Франција до 19 години. Помина низ фудбалската школа на Сент-Етјен и има 19 настапи за првата екипа. Според Transfermarkt, неговата вредност изнесува десет милиони евра.
Лондонскиот клуб и ова лето е активен на трансфер-пазарот. Веќе ги донесе Лиам Делап, Жоао Педро, Џејми Гитенс од Дортмунд, Дарио Есуга и Мамадоу Сар, додека бразилскиот талент Естеван Вилиан, кој потпиша минатото лето, наскоро ќе се приклучи на подготовките откако заблеска на Светското клупско првенство.