
Македонската младинска ракометна репрезентација продолжува со одличните настапи на Светското првенство, забележувајќи ја и втората победа, овојпат над селекцијата на Бразил. По драматичен меч кој во регуларниот дел заврши 34-34, младите „црвено-жолти“ славеа по изведувањето на пенали, благодарение на херојските одбрани на голманот Галевски.
Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст
Натпреварот, кој се играше во рамки на разигрувањето за пласман од 25 до 28 место, започна со изедначено темпо – двете селекции постојано се менуваа во водство. Сепак, во финишот на првото полувреме избраниците на селекторот Раде Стојановиќ покажаа поголема концентрација и обезбедија водство од три гола на пауза (18-21).
Во вториот дел, Бразил значително го подигна нивото на игра и веќе по пет минути го израмни резултатот на 22-22. Потоа следуваше пад во играта на Македонија, што противникот го искористи за да поведе со четири гола разлика (29-25).
Но, македонските млади ракометари покажаа борбен дух и успеаја да се вратат во игра. Со гол постигнат осум секунди пред крајот на натпреварот, Македонија израмни на 34-34 и избори пенал-серија.
Токму тука блесна голманот Галевски, кој со две клучни одбрани на седмерци им ја донесе победата на своите соиграчи, обезбедувајќи нов триумф за Македонија на светската сцена.