
Кошаркарите на Оклахома Сити Тандер ги победија Денвер Нагетс со 112:105 во петтиот натпревар од полуфиналето на плејофот на Западната конференција на НБА лигата и сега им недостига уште една победа за пласман во конференциското финале. ОКЦ има водство од 3:2 во серијата која се игра до четири победи.
Играчите на Тандер до славјето стигнаа со пресврт во последната четвртина. Денвер имаше предност од девет поени (90:81) и беше во водство до четири минути пред крајот на натпреварот. Последното израмнување на натпреварот беше при резултат 103:103, а тогаш домаќинот на натпреварот во последните 79 секунди направи серија од 11:2 за трета победа во дуелите против Денвер.
Учиме по најтешкиот пат: Со едукација за заштита и спасување до спречување на трагедии! ↓↓↓
Најзаслужен за победата на Тандер беше водачот на тимот Шај Гилџес-Александер со 31 поен, шест скока и седум асистенции. Џејлен Вилијамс додаде 18 поени и имаше девет одземени топки, а покрај нив двајца, уште четири играчи дадоа двоцифрен број поени за Тандер.
Јокиќ одличен, но тоа не му помогна на Денвер
За разлика од претходните натпревари на кои се мачеше со прецизноста, Никола Јокиќ беше одличен на овој натпревар. Српскиот центар на Нагетс постигна 44 поени, имаше 15 скока и пет асистенции во неговиот најефикасен натпревар на ова плејоф издание.
Беше сигурен во шутот за три поени (5/7), од линијата за слободни фрлања (5/5) и уверлив во играта (вкупен шут 17/25, 68 проценти). Сето тоа малку значеше за Нагетс на кои им е потребен пресврт за да останат во серијата.