
Николче Здравески, еден од највпечатливите фудбалери во историјата на прилепска Победа, почина на 54-годишна возраст. Веста за неговата смрт предизвика длабока тага меѓу бројни роднини, пријатели, навивачи и спортски работници кои од синоќа се простуваат од поранешниот голгетер на „црвено-белите“.
Како играч на Победа, Здравески беше дел од златната ера на клубот. Во 1999 година настапи во двомечот против италијанска Перуџа, а веќе следната година повторно се сретна со силен противник – Парма, екипа што тогаш беше во врвот на европскиот клупски фудбал.
Од семејна традиција до модерен бренд ↓↓↓
Со прилепскиот клуб го освои Купот на Македонија во 2002 година. Во 2004 година беше избран за најдобар играч и спортист на Прилеп, во сезона кога Победа дојде до својата прва историска титула во Првата фудбалска лига.
Како тренер, во сезоната 2006/2007 ја предводеше Победа до втората шампионска титула и до финале во Купот на Македонија. Истата година беше прогласен за најдобар тренер во државата.
Здравески беше и репрезентативец на Македонија. Настапи два пати за националниот тим во пријателски натпревари против Албанија во Прилеп, и против Азербејџан.