
Тренерот на Реал Мадрид Карло Ачелоти изјави дека неговите играчи мора да ја контролираат играта и емоциите во реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите против Арсенал и дека не мисли дека неговата иднина во шпанскиот фудбалски клуб зависи од овој двобој.
„Поддршката од навивачите многу ни помага во изминатите години. Утре ни е потребен нашиот најдобар меч за да се обидеме да го свртиме двомечот кој е многу комплициран. Утре ќе се обидеме да го промениме овој начин на размислување. Ќе се обидеме да одиграме сериозен меч, со нашите глави, нашите срца и нашата храброст. Ментално сме во многу добра форма, мора добро да ја контролираме играта“, изјави Ачелоти, пренесоа шпанските медиуми.
Традицијата продолжува, се трансформира - Pinko Crafts ↓↓↓
Актуелните шампиони на Лигата на шампионите, фудбалерите на Реал Мадрид, играат денеска од 21 часот на свој терен против Арсенал, реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите. Минатиот вторник во Лондон домаќините победија со 3:0.
„Имаме посветеност, искуство, играчи, навивачи… средствата се тука. Лани никој не рече дека играме спектакуларен фудбал. Сакаме да играме ефикасен фудбал“, додаде италијанскиот тренер.
Шпанските медиуми шпекулираа дека елиминацијата во четвртфиналето на Лигата на шампионите би можела да го чини Ачелоти работното место во Реал, а тој беше запрашан како ги носи тие наводи.
„Сконцентрирано, со ладна глава. Ова не е мој прв ваков натпревар… и се надевам дека нема да биде последниот. Повеќе сум возбуден отколку загрижен што ќе бидам клучен играч од клупата на овие натпревари. Оваа возбуда ми овозможува да останам со ладна глава“, изјави искусниот стратег.