Тренерот на Милан, Серџо Консеисао, сака да ја засили офанзивната линија, а клубот прави сè за тоа да биде овозможено до крајот на трансфер периодот.
Како што пренесува „Газета дело спорт“, првата идеја на Милан е да позајми некој од офанзивците до летото, кога пазарот е подостапен и поотворен за нови засилувања.
Викендов најинтересно во Серија А и на СП во ракомет ↓↓↓
Првата мета е Жоао Феликс, односно Жорж Мендеш би можел да го доведе сонародникот во Милан, но Челси засега не е отворен за оваа идеја.
План Б се напаѓачите на Манчестер Јунајтед – Расмус Хојлунд или Џошуа Зиркзе. Многумина веруваат дека и Аморим ќе добие нов напаѓач до крајот на јануари, а тоа би можело да отвори можност за потенцијални позајмици за Хојлунд или Зиркзе. И двајцата во Манчестер пристигнаа токму од Серија А и затоа во Италија се многу ценети.
На крај, трета опција е Феран Торес од Барселона. Тој е во втор план кај Ханси Флик, влегува од клупата, а потенцијалното доаѓање на Маркус Рашфорд на позајмица, би можело да го отвори и неговиот пат кон Милан.
„Газета“ пишува дека Торес е незадоволен со својот статус и би отишол на позајмица во случај на добра понуда.
На крај, „Газета“ пишува и дека Милан разгледува и еден постојан трансфер, бидејќи мета им е и Сантијаго Хименез од Феенорд, но проблемот е што Холанѓаните се решени да го задржат до летото.