Не беше така одамна кога тимот на Осогово најавуваше амбиции за влез дури и во Првата фудбалска лига на Македонија, но место тоа клубот денес поминува низ голема криза.
Имено, кочанскиот тим по 16 одиграни кола е претпоследен на табелата во Втората лига и до крајот го чека тешка битка за опстанок. Последната победа Осогово ја оствари на 28. октомври, но освен на резултатски Осогово потфрла и на организациски план.
Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Од клубот преку социјалните мрежи изразија незадоволство од работењето на управата бидејќи фудбалерите вчера играа во опрема од три различни производители, но и во две комбинации дресови.
„ГФК Осогово памети и потешки денови, но ваков срам не. На мечот против Беса игран вчера (сабота) нашиот Осогово настапи во спортска опрема од дури три бренда. Дрес Јако, шорц Џивова и штуцни Најк. Притоа се играше во два разни модели на дрес. (Во прилог фото).
Ваков срам е недозволив. Во годината кога клубот слави 100 години постоење, во ситуација кога управата очигледно не е способна и основни услови (спортска опрема) да обезбеди, оправдани се сомнежите дали ќе може жолто-сините барем да останат во Втора лига.
П.С. Се носат нови играчи кои се суспендирани четири меча, малтене пола полусезона“, стои во објавата на социјалните мрежи.