Минатото лето беше најавен како големо засилување и долгорочно решение за прецртаниот Џо Харт. Со себе донесе педигре и искуство меѓу стативите на Барса. Но, после само една година, Клаудио Браво го завршува несреќното поглавје во дресот на Манчестер Сити.
Всушност, неговиот крај почна многу порано, уште во средината на сезоната кога се виде дека не му „лежи“ островскиот фудбал и дека за неговите стандарди е премногу брз, силен, тврд. Бројни грешки и проценки, многу лоши одлуки кои скапо го чинеа.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Сега, после купувањето на талентираниот Едерсон од Бенфика за 40 милиони евра (двојно повеќе отколку што Пеп Гвардиола даде за Браво минатото лето), дојде моментот Сити и Чилеанецот да се разделат и секој да продолжи по својот пат.
Кариерата би можела да му доживее неочекуван пресврт. Од прв голман на Барса и Сити, Клаудио Браво за само една година може да стане чувар на мрежата од француски Лил. Нема многу клубови кои во моментов се заинтересирани за Браво. Единствено со интерес се огласи Лил, односно новиот тренер Марсело Бијелс, кој сака Браво да го направи неприкосновен меѓу стативите.
Меѓутоа, Лил ги нема тие финансии да го откупи Браво, поради што ќе се обиде да ги искористи добрите врски меѓу двата клуба и Чилеанецот да го доведе на едногодишна позајмица. Исто како што Торино минатата година направи со отфрлениот Џо Харт.
Сити сега мора да види што ќе прави и со Харт и со Браво. Опциите за раскинување на договорите не ни постојат поради големите примања на двајцата голмани, додека нивните цени во овој момент се превисоки за клубовите од „средната класа“. Останатите, финансиски моќни клубови, не ги ни споменуваме бидејќи сите, горе-долу, се обезбедени со чувари на мрежите.
Додуша, Сити не е. После заминувањето на челзиевата мета Вили Кабаљеро, „Граѓаните“ се без резервна опција на голот. Младиот Ангус Ган е на позајмица во Норич. Во овој момент на радарот единствено е Виктор Валдес, кој после неуспешната авантура во Стандард од Лиеж и лошата година во Милдзброу, нема клуб. За Сити проблемите се трупаат, а решенија нема.