Деновиве го одигра илјадитиот натпревар на фудбалските терени. Не, ова не е приказна за фудбалот, ова е едно евангелие од една голманска Библија. Не станува збор ни за почит која ја обезбедува доблеста, ова е приказна за љубовта и несовршенството. За Супермен кој својот криптонит го носи во џебовите и не го крие тоа.
И тоа, пак, нема врска со фудбалот, туку со карактерот, со оживеаната фикција. Иако можете да го замислите и како лик во филмовите на Фелини и приказните од Моравија. Почитувањето го заслужи со класа, но ова другото е љубов. Нему Италија тоа му го подари поради несовршенството.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Сигурно нема поголем парадокс од тоа што го нарекуваат Супермен, бидјеќи е пообичен, поранлив херој од него тешко можете да замислите.
„Не е тоа така едноставно, навивачите те гледаат како ѕвезда, никогаш никој нема да ти пријде и да те праша како си, хероите се неранливи, од нив секогаш се очекува да бидат добро“, изјави Буфон кога беше откриено дека се лекува од депресија во 2003 година. Често возејќи се со својот Фиат 500 на тренинзите од Јувентус размислувал дека можеби е подобро да си пресуди себеси, отколку да се доживее слом додека нозете ти се тресат пред десетина илјади сведоци.
„Секогаш сум мислел дека психијатрите се луѓе кои извлекуваат пари од другите луѓе кажувајќи им дека им е потребна помош, а тогаш тоа ми се случи мене“, беше искрен Буфон. Прекарот го доби многу порано, кога маица со знакот на Супермен му поклонија навивачите од Парма, која ја носеше под дресот кога му одбрани пенал на Роналдо, па тој прекар ќе го следи оттогаш, иако не е имун на криптонит.
За будалаштините со бројот 88, кој беше протолкуван како „Хејл Хитлер“ пишуваше самиот. Буфон тврди дека бројот подразбира симболички приказ на двата сопатници кои секој маж би требало да ги има, како карактерна особина. Но, она што е политичка коректност на сите овие денес чудно облечени млади богаташи со слушалки на ушите и уморен израз на лицата, тоа ги заобиколи Буфон и неговата генерација.
Тие се мит и надвор од теренот, било да го трошат богатството на обложување, што Буфон го правеше додека се бореше со својата психа, до 2005 година. Како што тврдеше тогаш, престана со тоа, иако од време на време се појавуваа муабети дека е најлошиот прогнозер на светот и дека никогаш нема напишано добитен тикет.
„Со моите пари ќе правам што сакам“, наводно изјавил, но под заклетва изјави дека престанал со обложувањето кога фудбалскиот сојуз го забрани обложувањето таму некаде пред Буфон со Италија да ја освои титулата светски прваци.
Таа „Златна топка“ со која спиеше Фабио Канаваро, неговиот најдобар пријател и официјално најдобар фудбалер на светот за 2006, му припаѓа на Буфон. Тоа секој ќе ви го каже, но голманот е само батлер во играта, некој кој стои во претсобјето, подалеку од гламурот. Додуша, ни Канаваро не е далеку од тоа, но некои нешта за голманите се забранети.
За Џиџи знаете сè, веројатно единствено неговите комшии не биле репрезентативци во некој спорт, бидејќи неговите мајка, татко, сестри, чичко, дедо – сите тие ја преставувале Италија во нешто, тоа е она што се вика „да го имаш генот“.
Има една чудна приказна, таму од крајот на осумдесеттите години, кога Буфон беше меѓу најталентираните, но не голмани, туку фудбалери во својот регион, кога како десетгодишно момче беше забележан од Милан. Тогаш Џиџи го откри Томас Н’Кон и реши да брани. Скоро неговиот дедо Лоренцо, исто така некогашен голман, откри дека Милан неколку години подоцна заклучил дека Буфон е неталентиран. Судбината сакала баш на дебито да ја сочува Парма едно сиво ноемвриско попладна против „Росонерите“. Неговите три одбрани, на Еранио, Баџо и на крајот на Марко Симоне, сега веќе прават своевидно поглавје од голманската Библија.
Не би било фер да не се спомене Невио Скала, во чие време Буфон не беше ниту втор, туку трет голман на Парма, како талентиран клинец од градот на мермерот, научен да живее далеку од дома. Но, после повредата на Лука Бучи, искусниот тренер Скала не му веруваше на резервистот Нисти, па провидението го одведе кај Буфон, а останатото наваму е историја која сите ја знаеме.
Она што веројатно повеќемина го пропуштиле е дека Џиџи следната година се запиша на правен факултет, по наговор на неговите родители кои после големите спортски кариери во атлетиката станаа професори по физичка култура. Не само што не заврши факултет, туку го обвинуваа дека ја фалсификувал дипломата за средно школо.
Мислите дека после тоа го презираа?
Никако. Во Кротоне 20.000 калабрези му скандираа додека скокаше со нив во онаа второлигашка сезона на Јувентус, а навивачите на Лацио го прогласија за човек од чест и нема да слушнете на ниту еден италијански стадион навреди упатени до Буфон. Ги нема, бидејќи тој е поголем од секакво ривалство, потсетува на постариот или помалиот брат, бучно расмејаниот вујко на некоја слава, ликот кој во друштвото кажува нешто после кое сите се смејат, иако на почетокот на сите им е непријатно. Таков е Буфон.
Навистина е тешко да не го сакате, иако од минатата сабота има 39 години, изгледа како некој кој и претходно сте го сретнале и кој ви измамил насмевка. Во тоа е тајната, Супермен кој дели и премногу особини со малиот човек од секојдневието. На таков нема да му се налутите, бидејќи тоа би значело да си замерите на самите себеси.
Во светот во кој живееме на тоа никој не е спремен. Полесно е да се каже: „Кога може најдобриот на светот, можам и јас“.
И знаете што? Целосно сте во право.