Дома Фудбал Останато За сè е „заслужна“ една Елена: Од врвот, до дното и назад – како се создаде денешната легенда Монако

За сè е „заслужна“ една Елена: Од врвот, до дното и назад – како се создаде денешната легенда Монако

Пресвртите во фудбалот се доста честа појава. И не се ограничени само на еден меч, туку и во текот на цела сезона и знаат да варираат од сјај до очај. Од борба за опстанок во првата лига, до натпревари за тронот на фудбалска Европа, од спасување од испаѓање во трета лига, до повторна борба за трофеј во Лигата на шампионите – сето тоа во само петнаесетина сезони. Секако, станува збор за Монако.

Годината е 2002. Крај на сезоната е. Монако, сепак, некако, на три кола пред крајот, обезбедува опстанок во Лига 1. Навивачите на клубот од Монте Карло се прашуваат зошто претседателот Кампора клупата на клубот му ја довери на тогаш 32-годишниот Дидие Дешамп, кој само два месеци претходно ја заврши својата фудбалска кариера?


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


Кампора ги убедува навивачите дека некогашниот капитен на Франција треба да добие шанса и дека ќе направи големи подвизи. И беше во право. Веќе следната сезона во последното коло Монако го замина Марсеј и го освои второто место, што значи и директен пласман во групната фаза од Лигата на шампионите за сезоната 2003/2004. И тука се случи магија.

Од борба за опстанок до финале во Лига на шампионите – во две години

Три победи во групната фаза, вклучувајќи ја и онаа историската против Депортиво со 8:3, 2 реми натпревари и 1 пораз беа доволни за минување во понатамошната фаза и двомеч со московски Локомотив, кого го исфрлаат благодарение на Дадо Пршо. Четвртфинале со Реал и пораз во Мадрид со 4:2. За возврат, Лудовик Жули ги сруши кралевите и обезбеди полуфинале за Монако против Челзи кој беше рутински исфрлен со вкупен резултат 5:3.

Бајката заврши во финалето, против Порто на чело со Мурињо, кој славеше со 3:0 во најнеочекуваниот финален дуел на некое европско натпреварување на сите времиња.

После две сезони во кои го освојуваа третото место во Лига 1, им се случуваат неверојатни финансиски проблеми кои веднаш се одразија на резултатите. Дешамп, после поразот од Рен, си дава отказ во 2005 година, после катастрофалниот старт и седум бодови во исто толку натпревари.

Испаднаа од Лига 1 и беа последни во Лига 2, а тогаш се појави Дмитриј

Таа сезона завршија на десеттото место, а наредните четири се вртеа околу средината од табелата (9, 12, 11 и 8 место), за во сезоната 2010/2011 Монако да испадне во Лига 2 каде во последното коло во понизок ранг ги турна Лион и тоа на нивни терен, кому тој натпревар резултатски не му значеше ништо.

Во сезоната 2011/2012 Монако почетокот на сезоната го отвори катастрофално. После 18-то коло беше вкотвен на самото дно од првенството со само 13 бода и опасност од испаѓање и во трета лига. А тогаш се појави спасителот, 45-годишниот Дмитриј Риболовљев.

 

Русинот, чие богатство тогаш изнесуваше 10 милијарди долари, на 23-ти декември, 2011 година, го купи клубот Монако со сопственичко учество од вкупно 66,67 проценти од акциите и стана мнозински сопственик, па веднаш вети вложување од 100 милиони евра во наредните четири години.

Веднаш во јануари купи десет играчи, меѓу кои и Набил Дирара, и во преостанатите 20 кола Монако освои 39 бода и се пласираше на осмото место. Наредната сезона, наместо Марко Симоне, Риболовљев на клупата од клубот го седна Клаудио Раниери, донесувајќи му уште 11 играчи. Тоа резултираше со суверено освоено прво место со 76 бода.

Враќање во Лига 1 и неуспешен напад на титулата

Риболовљев веднаш сакаше да стане првак во својата прва сезона во Лига 1. Потроши околу 200 милиони евра, а во клубот ги доведе Хамес Родригез, Радамел Фалако, Димитриј Бербатов, Рикардо Карваљо, Жоао Мутињо, Ентони Мартиал, Ерик Абидал, Траоре, Фабињо, Серхио Ромеро, Џереми Тулалан и други.

Но, против катарските милиони со кои беа пумпани ПСЖ и Златан Ибрахимовиќ таа мисија испадна невозможна. Второто место со девет бода зад шампионот беше крајниот исход на таа сезона.

За нештата да бидат уште полоши за Монако, Елена Риболовљева поднесе барање за развод од Дмитриј, а судот во 2014 година пресуде дека на нејзино име оди речиси половина од неговиот имот, поточно 4,5 милијарди долари.

Тогаш Риболовљев беше принуден своите финансиски вложувања во Монако максимално да ги скрати, а тоа значеше и продажба на најголемите ѕвезди.

Распродажба на екипата поради разводот со Елена

Токму барањето за развод од страна на Елена го иницираше вртоглавиот успон на Монако, кој кулминираше со исфрлање на Манчестер Сити од осминафиналето од Лигата на шампионите оваа сезона.

Веднаш си заминаа Фалкао, Родригез, Абидал, Ромеро, но и талентираниот Окампос. Со нив „одлета“ и тренерот Раниери, а Дмитриј на својот најдобар пријател Вадим Васиљев, кого една година претходно го постави на потпретседателското место и функцијата извршен директор, му даде одврзани раце да прави што сака, но со минимален буџет.

Васиљев направи скаутска служба по свој вкус и набрзо во клубот дојдоа Бернардо Силва и Тиему Бакајоко, па Џемерсон, Бошили, Томас Лемар, Бенџамин Менди, Камил Глик, Џибрил Сидибе, а покрај нив тука беше и момчето кое уште во 2013 година дојде во Монако, а кое денес го импресионира цел свет – Килијан Ембапе (за оние кои ги интересира, се изговара Ембапе, доказ овде), екипа која како да игра некој „старски“ фудбал во кој за одбрана како и да не се размислува воопшто.

Таа фудбалска филозофија на играчите им ја „всади“ Леонардо Жардим, кој го наследи Раниери на клупата. Тогаш 40-годишниот Жардим сезона претходно го освои второто место со Спортинг во португалското првенство, играјќи со една од најмладите екипи во Европа, па Васиљев не прашуваше за цена. Веруваше дека Жардим е вистинскиот човек за проектот „евтин и млад Монако“.

Но, на почетокот од мандатот на Жардим екипата не играше напаѓачки фудбал. Слободно можеме да кажеме дека беа една од најдосадните екипи за гледање во цела Европа. Натпреварите најчесто завршуваа со 0:0 или 1:0, а во 38 кола од сезоната 2014/2015 екипата постигна само 51 гол, додека следната, без Ентони Мартијал и Јаницк Караско 57.

Од најдосадна до најатрактивна екипа во Европа – во само три години

А тогаш, на почетокот од оваа сезона, екипата се смени од корен. Ветераните Тулалан и Мутињо беа тргнати на страна, а наместо нив, со средината на теренот загосподарија Бакајоко, Силва и Лемар, со многу побрза и потечна игра. После 30 кола во Лига 1, Монако е лидер со дури 87 постигнати гола. Речиси 3 по натпревар во просек.

Извесно е дека ќе биде нов првак на Франција, а во Лигата на шампионите Кнезовите ги очекува четвртфинален дуел против Борусија од Дортмунд и каков и да биде исходот од тој двомеч, навивачите сигурно ќе бидат задоволни. Риболовљев конечно дочека успеси од својот тим и тоа не со трошење на стотици милиони евра за играчи. А за сè е „заслужна“ една Елена.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Останато

Проверете

Анчелоти може да добие отказ, Реал има спремна замена

Позицијата на Карло Анчелоти во Реал Мадрид веќе не е толку сигурна и Италијанецот може да…