Завршниот турнир од регионалната ракометна лига – СЕХА, оваа сезона ќе се игра во хрватскиот град Задар.
Турнирот ќе се одржи од 3 до 5 април во салата „Крешимир Ќосиќ“ и ќе биде трет пат, по Загреб 2012 и Вараждин 2016 година, завршницата да се игра во Хрватска.
„Пресреќни сме што можеме да објавиме дека Задар ќе биде домаќин на деветтото издание на СЕХА – Газпром лига фајналфор. Ова е третпат, после Загреб 2012 и Вараждин 2016, турнирот да се одржува во Хрватска. Како и секогаш, очекуваме навивачите да бидат сведоци на одличен ракомет, но и да уживаат во целокупниот настан. По одличната организација на фајнлфорот 2019 во Брест, Белорусија, ќе се обидеме да го надминеме тој праг организирајќи уште еден фантастичен турнир. Многу сме задоволни што еден од најпосетените туристички дестинации во Медитеранот ќе биде домаќин на СЕХА фајнл-форот“, изјави Синиша Остоиќ, извршен директор на СЕХА.