Oткако вчера преку социјалните мрежи оставката ја потврди спортскиот директор на Вардар, Александар Бајевски, денес клубот потврди и оставки на уште неколкумина.
Клубот го напуштаат тренерот Бобан Грнчаров, како и членовите на стручниот штаб Орхан Абди, Игор Тасевски и Стево Митревски. Вардар во утрешниот натпревар ќе го водат Ѓоко Хаџиевски и Бобан Бабунски.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Ја известуваме целокупната јавност дека тренерот на екипата Бобан Грнчаров, спортскиот директор Александар Бајевски, заедно со членовите на стручниот штаб Орхан Абди, Игор Тасевски и Стево Митревски поднесоа оставки на функциите и повеќе не се дел од ФК Вардар.
Би сакале во името на клубот, да се заблагодариме за професионализмот, енергијата и трудот кои во текот на двете години ги вложивте во клубот и затоа што покажавте колку е важно да се биде онаму каде што се брани “црвено-црното.”
Екипата денес, по планот заминува во карантин, каде што под водство на Вардаровата легенда Ѓоко Хаџиевски и координаторот на младинската школа Бобан Бабунски, ќе ги одработи последните подготовки пред натпреварот против Воска. Во името на клубот им се заблагодаруваме поради тоа што веднаш ја прифатија понудата и се ангажираа да го водат клубот на овој важен натпревар.
Јасно напоменуваме дека ова е само преодно решение. Клубот уште вчера започна преговори со потенцијалната замена на позицијата тренер и засега можеме да кажеме дека истите течат добро. Во најбрз можен временски рок, официјално ќе го соопштиме името на новиот тренер за кој сметаме дека достојно и чесно ќе ја води екипата во понатамошниот период.
Голем е Вардар, многу поголем од сите нас и затоа веруваме дека заедно со поддршката на нашите навивачи, ќе успееме пред се, да извојуваме победа во недела а потоа секако и да ја одржиме здравата и позитивна атмосфера во клубот“, соопшти Вардар.
Воска и Вардар играат во Охрид на стадионот „Билијанини Извори“ утре во терминот од 17:00 часот.