Ракометните селекции на Македонија со половичен учинок го минаа првиот ден од Медитеранските игри. Во натпреварите против соодветните селекции на Турција, најпрво Женската репрезентација оствари победа од 31-26, додека Машкиот состав забележа пораз од 26-29.
Во натпреварот во женска конкуренција, Македонија водеше во целиот негов тек и заслужено стигна до победата. Веќе по 5 минути игра резултатот беше 6-2, а во еден момент во првото полувреме избраничките на Симе Симовски поведоа и со 13-6. Турција успеа во продолжението да намали и на полувреме се замина со 15-11, но нашите репрезентативки во ниту еден момент не дозволија противникот посериозно да се закани со пресврт и со стабилна игра ја задржаа предноста за заслужен триумф од 31-26.
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
Елена Ѓеорѓијевска и Сара Ристовска со по 7 погодоци беа најпрецизни во нашиот тим, 5 голови додаде Керамичиева, а 4 Саздовска. Во листата на стрелци се запишаа и Гакидова со 3, Милица Николиќ и Душица Ѓорѓиевска со по 2, односно Јовановска со 1 гол. Ракометарките утре се слободни, а следниот меч го играат на 25 јуни против тимот на Србија.
На средбата во машка конкуренција, Турција беше таа која водеше во текот на целиот натпревар, па иако резултатот беше постојано достижен за нашиот тим, избраниците на Роберто Парондо не успеаја да го избегнат поразот. На полувреме Турција водеше со 15-13, а во второто полувреме неколкупати водството се искачуваше и на 4 голови. Во завршницата иако Македонија имаше добра реализација во нападот, Турците исто така беа ефикасни за конечни 29-26.
Кузмановски и Поповски со по 7 голови беа најдобри стрелци во нашиот тим, Велковски додаде 5 гола, а 2 постигна Пешевски. По еднаш реализираа и Чурлевски, Крстевски, Ојлески, Димитриевски и Андоновски.