Дома Македонски спорт МОК ги додели наградите „Златна Олимпија“: Мери Акиевска најуспешна спортиска во 2023 година

МОК ги додели наградите „Златна Олимпија“: Мери Акиевска најуспешна спортиска во 2023 година

Македонскиот олимписки комитет (МОК) синоќа на свечена церемонија по трет пат го додели престижните награди „Златна Олимпија“ за 2023 година кои се доделуваат на жените во спортот за нивните врвни достигнувања и успеси. Истовремено, преку доделувањето на овие награди, МОК ја афирмира заложбата за поддршка на родовата еднаквост во спортот и овозможување услови за еднакви можности за сите спортистки и екипни женски спортови.  

Традиционално, на овој настан се доделуваат 11 признанија во исто толку категории наменети за најуспешните спортистки, женски спортски клубови и женски спортски работници во олимписките спортови. На настанот „Златна Олимпија“ синоќа во преполната сала на хотелот „Хилтон“ во Скопје, на едно место можевме да ги видиме најдобрите македонски спортистки, женски клубови, национални спортски федерации, женски судии и тренери, спортски менаџерки, спортски новинарки, како и други многубројни гости од спортскиот и јавниот живот во земјава. Покрај наградите за најуспешните спортистки, МОК доделува и награда за животно дело, како и признанија и благодарници на своите најблиски соработници и партнери.  


Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓


Годинешниот лауреат за најуспешна спортистка за 2023 година е Мери Акиевска, нашата национална шампионка во бодибилдинг и светска шампионка за оваа година, титула што ја освои на Светското првенство во Шпанија. За најдобра млада спортистка е прогласена теквондистката Милијана Релиќ која ја заслужи оваа титула по освоениот бронзен медал на Европското првенство до 21 година, како и за освоеното петто место на Европските олимписки игри во Краков, Полска. 

   

Наградата за најдобра женска репрезентација замина кај фудбалската селекција Македонија У17 која се избори за пласман од лига Б во лига А за квалификациите за Европското првенство. Признанието за спортски подвиг на 2023 година го доби Благица Владимирова која го совлада најтешкиот предизвик за искачување во светот, Еверестинг. За таа цел, Владимирова се искачи 19 пати од Средно Водно до врвот на планината, непрекинато во текот на 27 часа, за да ја достигне висината на врвот Монт Еверест од 8848м. надморска височина.

Признанието „Златна Олимпија“ за најуспешна спортистка со попреченост заврши во рацете на Јулијана Петровска поради освоениот сребрен медал во дисциплината скок во далечина на Специјални олимписки игри во Берлин, Германија. За најуспешен женски тренер е прогласена Билјана Црвенковска која како помошник-тренер и помогна на ракометната екипа на „Алкалоид“ во освојувањето на второто место во машката Супер лига на Македонија, а како помошник-тренер со сениорската ракометна репрезентација обезбеди пласман на ЕП 2024 година.   

За најуспешна спортска судијка е прогласена Анета Павловска, која суди на најголемите тениски турнири во светот „Ролан Гарос 2023“ и полуфиналиња на „Вимблдон 2023“. Најуспешна спортска менаџерка е Билјана Кузмановска – Николовска која ја доби наградата за нејзината организација на „Визер Скопски маратон“, „Авицена Женска трка“ и „Халк Еко Скопје Ран“, како и за извршување на функцијата национален тренер и селектор во мечување.   

Наградата за најуспешна спортска новинарка ја понесе Јана Серафимовa – Петровска, новинарка и водителка на телевизијата Телма и автор на емисијата за спорт „Фер-плеј“. Признанието за најуспешна федерација во унапредување на родовата еднаквост во изминатата година го понесе Велосипедската федерација на Македонија.  

На огромно задоволство на присутните, статуетката „Златна Олимпија“ за животно дело отиде во рацете на Катица Димова, членка на југословенската репрезентација во спортска гимнастика и кандидат за Олимписки игри во 1960 година во Рим. Како меѓународен судија, Димова учествувала на Олимписките игри во Сеул во 1988 година. Таа била селектор и тренер на македонската репрезентација, како и прва продеканка и професорка за настава и наука на Факултетот за физичка култура во Скопје.

Претседателот на МОК, Даниел Димевски, им честиташе на сите добитници на наградите, изразувајќи големо задоволство од напредокот и успесите што ги постигнуваат спортистките во земјава, но и на интернационалните натпреварувања. Димевски истакна дека тие и понатаму ќе ја имаат максималната поддршка од МОК во насока на остварување на уште позначајни успеси и спортски резултати и им се заблагодари на националните спортски федерации за поддршката што ја даваат на МОК во заложбите за креирање на инклузивен спорт. 

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Македонски спорт

Проверете

Вардар се засили со дефанзивецот Пинтер

Вардар започна со засилувања за пролетниот дел од сезоната. Нов играч на најтрофејниот мак…