Македонската репрезентација во недела ја очекува реваншот од баражот за Светското првенство против селекцијата на Чешка. Во Злин иако можевме да имаме и победа, сепак се вративме со реми (24:24). Натпреварот во Скопје ќе биде последен во репрезентативниот дрес и за Филип Миркуловски.
Миркуловски заедно со Кирил Лазаров за последен пат ќе бидат дел од репрезентацијата како играчи на теренот, а тоа сигурно носи и многу емоции за двајцата. Сепак најважна е победата и пласманот на Македонија на Светското првенство.
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
„Ова е мојот последен натпревар во репрезентацијата, ќе има доста емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да завршиме со ‘хепи енд’, да победиме во недела и да се пласираме на Светското првенство“.
Очекувањата на Миркуловски се да бидеме подобро подготвени за овој втор натпревар во реваншот.
„Мислам дека за овој втор натпревар ќе бидеме подобро подготвени, бидејќи немавме гледано натпревари на противникот со новиот селектор Сабате, па сега ќе знаеме што точно нè очекува. Одигравме еден сосема добар натпревар во Чешка. Испуштивме 6-7 голови предност, тоа не смееше да ни се случи, но противникот покажа карактер. Знаеме дека се работи за квалитетна репрезентација, знаеме што нè очекува тука во недела и со помош на 7.000 навивачи да обезбедиме пласман на Светско првенство“.
Ако сакаме пласман на Светското првенство ќе мора повторно да одиграме еден добар натпревар.
„По натпреварот во Злин секако дека постоеше чувство на разочараност, требаше да го добиеме, но сепак мораме и што побрзо да го заборавиме тоа и во недела да одиграме еден сосема нов натпревар. Потребна ни е само победа, што пред два месеци и ќе го прифатевме. Сепак Чешка е квалитетна репрезентација, сигурно е дека нè очекува квалитетна борба. Како што покажаа на првиот натпревар, ќе се борат до последно. Треба да одиграме уште еден добар натпревар со многу концентрација и да го добиеме во одбраната. Не би требало да има многу изненадувања во однос на претходниот натпревар, бидејќи ќе поминат само неколку денови за подготовка. Ќе биде доста сличен натпревар со цврсти одбрани“, изјави Миркуловски.
Натпреварот Македонија и Чешка во недела ќе го играат од 19:00 часот, а билетите за овој дуел се распродадени, па така македонските ракометари ќе имаат максимална поддршка од трибините.
Фото: РФМ