Светското фудбалско првенство кое оваа година од 14 јуни до 15 јули ќе се одржи во Русија ќе биде собир на кремот од светската фудбалска елита од сите континенти. По тој повод, правиме ретроспективен преглед на некои од поважните случување на минатите изданија од Мундијалот.
На ред е Светското фудбалско првенство од 1986 година кое се играше во Мексико – Мундијал на кој блесна еден од најдобрите фудбалери на сите времиња (според многумина и најдобар), Диего Армандо Марадона.
Силен земојтрес и голема трагедија пред почетокот на Светското првенство
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
16 години откако Бразил, предводен од Пеле, стана фудбалски првак на светот во Мексико, сосема неочекувано, Мексико и по втор пат стана домаќин на смотрата на најдобрите фудбалски репрезентации од цел свет. Помеѓу „двете Мексика“, светот го виде триумфот на Западна Германија на домашен терен во 1974, победничката Аргентина исто на домашен терен во 1978 и Италија на шпанско тло во 1982 година.
Три години пред 13-то по ред Светско фудбалско првенство, поточно во 1983 година, поради големите организациски и економски проблеми, Колумбија се откажа од организирање на светскиот фудбалски самит во 1986 година, а големата афера заврши со доделување на организацијата на Мексико. ж
Кога веќе сè беше спремно за нов спектакл, силен земјотрес го погоди Мексико, а бројот на настрадани во големата трагедија се проценува на повеќе од 20.000 луѓе. Сепак, немаше одложување на Мундијалот, а главната улога ја одиграа стадионите кои за време на земјотресот останаа неоштетени и организаторот кој во тоа време покажа голема спремност и желба за организирање на првенството.
Мундијалот во 1986 година беше уште еден во низата на кој ФИФА го промени системот на натпреварување. На првенството учествуваа 24 репрезентации поделени во 6 групи, а во осминафинале пласман обезбедуваа сите првопласирани и второпласирани репрезентации во групите, како и четири најдобри третопласирани. Тоа беше прв Мундијал за Данска, Ирак и Канада, но сето она што се случуваше во Мексико таа 1986 година помина во знаот на Диего Армандо Марадона.
Четири години пред Мексико, Марадона со репрезентацијата на Аргентина, како 22-годишен фудбалер, доби црвен картон во дуелот против Бразил на Светското првенство во Шпанија, а турнирот Аргентинците го завршија во вториот круг. Во 1986 година, во Мексико, тогаш најдобриот играч на светот и икона на Наполи стигна да го покори светот и своето име да го испише со златни букви во фудбалската историја. Иако првенството во Мексико изобилуваше со голем број фантастични натпревари, ниту еден играч дотогаш, а ни до денес, не успеа на таков спектакуларен начин да остави белег на смотрата на најдобрите.
На погонот од Марадона, но и од напаѓачот на мадридски Реал, Хорхе Валдано, Аргентинците без поголеми проблеми ја поминаа групната фаза во групата А покрај Италија, Јужна Кореја и Бугарија, а во вториот круг со минимален резултат од 1:0 беа подобри од Уругвај. Сето тоа беше добра увертира во четвртфиналниот дуел меѓу Аргентина и Англија, кој, според многу анкети, се памети како најпознатиот фудбалски натпревар на сите времиња.
„Божјата рака“
Од една страна исклучително мотивираниот Марадона, а од другата страна префинетиот Гери Линекер, играч кој никогаш во својата фудбалска кариера не добил жолт картон поради прекршок и никогаш не бил исклучен. Во четвртфиналето против Аргентина, Англичаните тргнаа жестоко уште од првата минута и на теренот владееше вистинска фудбалска војна. Лактото од Бучер кое заврши во лицето од Марадона за малку ќе донесеше прекинување на дуелот.
Кога најпосле страстите се смирија, на сцена стапи Марадона. „Малиот“ собра една топка на средината од теренот, помина тројца англиски фудбалери и се обиде да одигра двојно додавање, но наместо соиграчот од Марадона, топката кон сопствениот гол ја упати еден од англиските дефанзивци. Како што топката леташе во воздух, тоа го искористи нискиот Марадона и пред очите на цел свет постигна погодок со рака и сите, освен главниот судија, го видоа тоа. Судијата покажа на центарот од теренот. После натпреварот Марадона ќе прокоментира дека тоа била „божја рака“.
Ако првиот гол кој Марадона го постигна против Англија беше еден од најчудните, вториот секако беше еден од најубавите кои се постигнати на Светското првенство во сета негова историја. Диего ја зеде топката на својата половина од теренот, издрибла петмина Англичани, подоцна и голманот на Англија, постигнувајќи гол за 2:0. Единствено што можеа да направат Англичаните до крајот на натпреварот беше утешниот погодок на Линекер, за 2:1.
„Кога ќе го погледнам тој го, не можам да си верувам дека успеав да ја завршам таа акција. Сум размислувал порано, за време на своите кризни моменти, дека сликата од тој гол, заедно со сликата од својата ќерка Далма, единствената која ја имав во тоа време, да ги ставам над креветот и да напишам: Двете најдобри нешта кои сум ги направил во животот“, изјави во една прилика за тој погодок самиот Марадона.
Првенството на кое Марадона стана бесмртен
Марадона го имаше главниот збор и во полуфиналето во кое Аргентина рутински го совлада големото изненадување Белгија со 2:0. Диего најпрвин шмекерски погоди за 1:0, а потоа со полна сила направи сличен епски дриблинг како оној против Англија и погоди за 2:0. Со тој резултат ги одведе Гаучосите во големото финале. За разлика од четвртфиналето и полуфиналето, Марадона не беше стрелец во победата на Аргентина против Западна Германија со 3:2, но сепак го понесе епитетот и титулата „најдобар играч на првенството“.
Со втората светска фудбалска титула за Аргентина, а прва лично за него, Марадона своето име го испиша со златни букви во историјата на неговата татковина, но и во онаа на светскиот фудбал. Колку беше важно и големо тоа што го направи таа 1986 година, заправо, покажува моменталната ситуација во врска со ѕвездата на Барселона, Лионел Меси, кој и покрај исклучително силната репрезентација која ја има Аргентина, не успеа да освои ништо со својот национален тим, а можеби последна шанса за тоа ќе има токму во Русија оваа година.
Интересно, наводно и Пеле таа 1986 година му се нудел на бразилскиот селектор да игра на Светското првенство, што тој не го сфатил сериозно, а тоа ќе беше првиот судир на двајцата најдобри играчи на светот од тоа време.
Она што, исто така, го одбележа тој Мундијал во Мексико е премиерното појавување на денес веќе познатите „мексикански бранови“ во кои навивачите на трибините, еден по друг синхронизирани ги креваат рацете симулирајќи бранување.