Maкедонскиот тренер Срѓан Захариевски кој го предводи Вардар беше гостин во студиот на МТВ за време на вчерашниот натпревар помеѓу Македонија и Летонија и во таа прилика ја коментираше и ситуацијата во црвено-црните.
Како што вели Захариевски пред Вардар е еден од најтешките есенски периоди во историјата на клубот, но најавува дека од јануари клубот ќе се консолидира.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Оваа есен ќе биде една од најтешките во историјата на клубот. Сега се разликуваме од она што клубот може да биде и што треба да биде. Вардар е во фаза на консолидација, од неодамна има нов сопственик. Вардар ќе биде добра приказна, но оваа есен целта е да ги стабилизираме резултатите, да не бидат такви какви што се во моментов. До крајот на есенскиот дел имаме уште девет натпревари и еден или два Куп меча, од нас ќе зависи колку ќе бидат. Репрезентативната пауза ја користиме да работиме и на физички план, имаме по два тренинга дневно. Фудбалерите тешко го издржуваат ритамот среда-недела. Знам дека разочарувањето кај навивачите е големо, особено кај нашиот дванаесети играч, Комитите. Се чувствуваме и ние лошо, многу лошо“, вели Захариевски.
„Јас знам во што влегов, знам колку е голем овој предизвик, гледам светло на крајот од тунелот, затоа што Вардар се консолидира финансиски, ќе гледаме колку што е можно подобро да го минеме овој тежок период и да извадиме колку што е можно повеќе, а од јануари приказната ќе биде поинаква. Тогаш ќе имаме подготовки, ќе се засилиме, ќе земем играчи кои ќе одговараат на лигата и на пролет ќе имаме Вардар каков што сите сакаме, Вардар кој ќе ги нападне местата кои носат во Европа, европски Вардар“, изјави Захариевски.