Започна ново празнично коло во Премиер лигата, а денес во фокусот секако ќе биде големото дерби помеѓу лидерот Арсенал и одличниот Њукасл.
Ова е натпревар кој многу ќе влиае на остатокот од сезоната бидејќи лидерот Арсенал има сериозен тест и на „Емирати“ му доаѓа третопласираниот Њукасл. Со победа на овој меч „топџиите“ значително ќе ги зголемат шансите за титулата.
„Градинката“ на Арсенал ита кон титулата
Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓
Ниту најголемите оптимисти не можеа да предвидат ваква добра сезона на Арсенал, кој во новата година влезе како лидер во Премиер лигата со цели седум бода предност пред Манчестер Сити. „Децата“ на Артета играат фантастично и во16 одиграни меча имаат дури 14 победи со само еден пораз, па сега и најголемите скептици се убедени дека овој тим сепак е спремен да се бори до крај за титулата. Минатата сезона овој тим заврши на 5-то место на табелата и избори пласман во Лига Европа, каде без поголеми проблеми го освои првото место во групата. Оваа сезона на крилјата на капитенот Одегард и младите Сака, Мартинели и Нкетија игра одлично и граби кон титулата. И покрај повредата на Габиел Жесус, Арсенал продолжи со победите онаму каде што застана пред мундијалската пауза и само ја зголеми предност пред Сити. Овој меч може да биде клучен за понатамошниот тек на сезоната, бидејќи на гости им доаѓа третопласираниот Њукасл, а првиот конкурент Сити му гостува на Челзи. Самодовербата во тимот е огромна и со помош од домашната публика Арсенал сигурно ќе даде се од себе да ги освои трите бода.
Њукасл ја сонува Лигата на шампиони
Големите инвестиции почнаа да вродуваат со плод, па Њукасл оваа сезона игра одлично и моментално се наоѓа на третото место на табелата. Секако главна цел на „чавките“ ќе биде пласман во Топ 4 и билет за Лигата на шампиони, што во ваква конкуренција сигурно ќе биде одличен успех. Кога ќе се вратиме на минатата сезона овој тим во еден момент беше во многу тешка ситуација, но со доаѓањето на Еди Хау на клупата работите тргнаа на подобро. Оваа сезона Њукасл има само еден пораз, притоа заедно со Арсенал е тимот во најдобра форма во првенството, на последните шест меча има пет победи и едно реми. Поради тоа со голема самодоверба оди на гости кај лидерот и целта е да стигна до позитивен резултат. Доколку успее да остане непоразен на „Емирати“, тогаш овој тим сигурно ќе ги зголеми шансите за пласман во Топ 4, иако сезоната е долга и конкуренцијата е огромна. Најскапото засилување ова лето, Александар Исак е повреден, но тимот и без него продолжи со одличните резултати, а најавите се дека ќе пристигнат нови засилувања и во зимскиот преоден рок. Интересно е да се напомене дека на последните пет гостувања Њукасл има дури четири победи и едно реми.
Очекување
Ова е дуел на два тима со најдобра форма во Премиер лигата и очекуваме возбудлив дуел кој ќе го одлучуваат детали. Со оглед на фактот дека двата тима играат отворено и имаат одлични напади, очекуваме и многу голови.