Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини заедно со потпретседателот, Лазар Ракиџиев и членот на У.О. од ОФС Штип, Димитар Џонов одржаа работен состанок со градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
На состанокот тие се сложија околу важни прашања и заклучија дека Градот и Федерацијата ќе ја продлабочат својата соработка во заеднички интерес, а тоа првенствено значи развој на фудбалската инфраструктура во Штип и целосна реконструкција на стадионот на ФК Брегалница.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
„Со градоначалникот на Штип остваривме конструктивен разговор и навистина верувам дека меѓусебно можеме многу да си помогнеме преку размена на знаење и искуство по прашања за развој на фудбалот и изградба на инфраструктура. Мене ми е драго што со градоначалникот Бочварски, нѐ само како архитект по професија, туку и како страствен навивач на Брегалница, фудбалот ни е заеднички јазик и уверен сум дека можеме да направиме големи работи за стадионот во Штип, како еден од нашите најголеми фудбалски центри. Фудбалската федерација на Македонија во соработка со УЕФА ќе ја гради западната трибина на стадионот и заедно со општината ќе биде дел од проектот за изградба на репрезентативен стадион со категоризација за натпревари и од највисок ранг. Со претходниот проект од „хет-трик“ програмата, ние веќе целосно го реконструиравме теренот со поставување на модерен дренажен систем и осветлување, но ова е многу поголем и позначаен проект. Допрва следува најважниот дел, но се надевам дека ќе направиме голема работа и дека и во иднина ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата. Во следниот период, Фудбалската федерација на Македонија и детално ќе ги претстави сите проекти кои ќе ги реализираме во таа насока, изјави за сајтот на ФФМ првиот човек на македонскиот фудбал“, Муамед Сејдини.
За сајтот на ФФМ зборуваше и градоначалникот Бочварски.
“Во Фудбалската федерација на Македонија одржавме состанок со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, дел од раководството на федерацијата и сопственикот на ФК Брегалница, Кирил Гогов.Од наша страна, информиравме за потребата од изградба на Градскиот стадион во Штип со нова, репрезентативна инфраструктура која би претставувала гордост за градот и ФК Брегалница, како еден од најголемите фудбалски брендови во државата. Проектот за новиот стадион го изработи Општина Штип, веќе е доставен во ФФМ, а федерацијата ќе ја разгледа целата техничка документација, ќе даде свои сугестии, а потоа нашата општина ќе издаде одобрение за градба. Исклучително сум задоволен затоа што добив позитивен одговор од страна на претседателот на ФФМ и подготвеност тие да ја финансираат изградбата на едната трибина. По завршувањето на изградбата, Општина Штип ќе започне изградба на втората трибина на новиот фудбалски храм на штипјани. Во наредниот период како Општина ќе ги преземеме сите обврски за отстранување на постоечката трибина од Градскиот стадион. Ова се навистина важни чекори кои ги превземаме за сериозен раст и развој на спортот во Штип, како еден модерен фудбалски град кој ќе биде пример за успешна спортска приказна во државата и надвор од неа“.