На денешната прес-конференција пред натпреварот против Молдавија заедно со селекторот Благоја Милевски (ТУКА) присуствуваше и капитенот Енис Барди.
Иако селекторот Милевски во својата изјава порача дека и на овој собир има фудбалери кои немаат минутажа во клубовите, Барди смета дека сепак голем дел фудбалерите во селекцијата имаат коректна минутажа.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Мислам дека сите доаѓаме со коректна минутажа на овој собир. Гледам дека повеќето фудбалери играат доста и се редовни во своите клубови. Мислам дека натпреварувачката форма е на наша страна.
Само да сме сконцентрирани, да покажаме желба и да се подготвиме за тоа што не чека од септември. Овие два натпревари ни се тест, да видиме до каде сме, за да ги поправиме грешките од некои претходни средби“, изјави Барди.
Истакна капитенот и дека се подготвени да одговорат на секоја улога која ќе им ја даде Милевски.„
„Можам да кажам дека сме подготвени за секоја улога што ќе ни ја даде селекторот. Свесни сме дека по долго време се собравме пак, гледам дека соиграчите едвај чекаа да се сме заедно. Можеме да дадеме се од себе.
На ниту еден натпревар не ни е потребна екстра мотивација. Со самиот повик за репрезентацијата мора да сме мотивирани, да бидеме подобри и да даваме што е можно подобри перформанси. Овој натпревар е со ривал кој за малку не се пласира на ЕП, може многу да ни помогне за Лигата на нациите. Анализиравме и се подготвивме за Молдавците. Повеќе нема „пријателски“ натпревари, даваме максимум на секој дуел што го играме за Македонија“, додаде фудбалерот на Трабзонспор.
Натпреварот против Молдавија е првиот од двата пријателски во Анталија, а ќе го играме во терминот од 15:30 часот. Во вториот натпревар ќе ги одмериме силите со Црна Гора.