
Наместо мирно интонирање на химните, воведот во фудбалскиот дуел меѓу Босна и Херцеговина и Романија во Зеница го одбележаа свирежи за химната на гостите. Случувањата на трибините веднаш станаа тема во романските медиуми, кои понудија објаснување за непријателскиот пречек.
Според „Диги спорт“, реакцијата на домашната публика е поврзана со претходната пресметка на двете репрезентации. Во ноември минатата година, романски навивачи истакнале транспарент со кој го величале Ратко Младиќ. Романскиот медиум токму во тој настан ја гледа причината за свирежите во Зеница.
Порталот „Зиаре“ наведува дека не станувало збор за реакција само од еден дел од трибините, туку дека во исвиркувањето на романската химна учествувал речиси целиот стадион.
За атмосферата известува и „Антена спорт“, посочувајќи го контрастот меѓу пораката на семафорот и однесувањето на публиката. На семафорот стоело „Добре дојдовте“, но, според нивниот извештај, гостинската репрезентација не добила пријатен дочек.
Романија, која ја предводи Георге Хаџи, имала и малубројна поддршка на трибините. Според романските извештаи, во Зеница ја бодреле само неколку десетици нејзини навивачи.