
Името на Емануел Ебуе веднаш потсетува навивачите на Арсенал на симпатии и спомени за времињата кога десниот бек од Брегот на Слоновата Коска од предмет за потсмев стана култен херој на „Топџиите”.
Улични кучиња: Системски или човечки проблем? | Уште еден поткаст
Во текот на успешната кариера, во која одигра над 200 натпревари за лондонскиот клуб, заработи околу 20 милиони фунти. Но, блескавите денови на врвот на славата се претворија во ноќна мора кога неговиот живот надвор од теренот почна да се распаѓа.
Сега 42-годишниот Ебуе се соочи со првиот голем проблем во 2016 година. Сандерленд му врачи отказ откако ФИФА му изрече едногодишна забрана за играње фудбал поради неплатен долг кон поранешниот агент Себастијан Бојсо. Поранешниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска беше задолжен да плати 790.000 фунти, што тој го одби. Случајот се влечеше со години, а пресудата изненади и Англиската фудбалска асоцијација и Сандерленд.
Тогашниот менаџер на Сандерленд, Сем Алардајс, беше бесен. „Зошто го отпуштивме? Не може да доаѓа на тренинг, не може на терен, не може да помине ни низ влезната врата. Тоа е целосен хаос. Разочаран е, но мора да превземе одговорност затоа што не контактираше со луѓето што се обидуваа да го решат проблемот последните неколку години“.
Првпат дознавме за тоа пред една недела, кога добивме извесност дека може да биде суспендиран на 12 месеци ако не го реши проблемот. Се обиде, но не беше прифатено и суспензијата стапи на сила”, рече Алардајс и додаде: „Луѓето на кои се потпираше не комуницираа доволно добро со него, а ни тој со нив.”
Сигурно никој не е комуницирал доволно добро со нас за да ја избегнеме оваа ситуација. Ова може засекогаш да му ја заврши кариерата ако не внимава.”
Личниот, професионален и финансиски колапс оставија тежок отпечаток врз менталното здравје на Ебуе. Падна во тешка депресија, а прозорците на куќата мораше да ги покрие со картонски кутии за да се сокрие од медиумите. Призна дека се чувствувал толку лошо што ни јадење не можеше.
Еден од најболните аспекти од приказната на Ебуе е прекинот на односот со неговиот 17-годишен син Матис, извонредно талентиран млад фудбалер кој игра за Челси. Во времето кога Матис потпишуваше за лондонскиот клуб, Ебуе изразуваше гордост и изненадување од неговиот напредок. Сепак, подоцна откри дека не разговарале пет години и дека „плаче во себе” затоа што во тој момент не знаел дека му се придружил на Челси.