
Повеќе време за опоравување, а помал притисок од губењето поени – тоа е идејата зад предлогот на Рафаел Надал за промена на начинот на кој се составува АТП-листата. Поранешниот светски рекет број еден смета дека рангирањето треба да ги опфаќа резултатите од две години, наместо од една, како во сегашниот систем.
Во неговото образложение, клучна е слободата на тенисерите да одлучуваат кога ќе настапуваат. Подолгиот период за пресметување на резултатите би им овозможил поинаку да го планираат распоредот, особено кога повреда ќе ги оддалечи од терените.
Надал посочува дека во такви ситуации играчите би добиле повеќе време за закрепнување, без истовремено да се соочуваат со губење голем број поени. Намалувањето на ризикот од значителен пад на ранг-листата е главната придобивка што ја гледа во предложениот модел.
Зад овој став стои и неговото искуство со долгите отсуства. Шпанецот ја заврши кариерата пред две години, а во последниот дел од играчките денови повредите често го принудуваа на подолги паузи. Сега предлага систем во кој тенисерите би имале поголем простор да му дадат предност на закрепнувањето.
Фото: Република