
Лионел Меси и Кристијано Роналдо, фудбалери кои како големи ривали обележаа цела ера, можеби до крајот на годината првпат ќе играат во иста екипа. Такво сценарио е можно според планот на Карлос Тевез, кој има намера да ги собере на својот проштален натпревар. Со години беа на спротивни страни на теренот, а нивните дуели најмногу се следеа кога ги водеа Барселона и Реал Мадрид.
Иако Тевез од фудбалот се прости уште во 2021 година, свечениот натпревар со кој би ја обележал својата успешна кариера сè уште не го организирал. Сега одлучи да го промени тоа и во декември да ги собере некои од најголемите играчи со кои делел соблекувална. Натпреварот би требало да се одржи на култниот стадион Бока Јуниорс, Ла Бомбонера.
“Ќе бидат таму и Лео Меси и Кристијано Роналдо. Ако треба, лично ќе одам по нив. И двајцата ги имам на WhatsApp”, најави Тевез.
Освен Меси и Роналдо, на списокот на ѕвезди кои треба да настапат се вклучени и Вејн Руни, Рио Фердинанд, Андреа Пирло и Џанлуиџи Буфон.