Дома Македонски спорт Maкедонските атлети освоија пет медали на Специјалната Олимпијада во Берлин

Maкедонските атлети освоија пет медали на Специјалната Олимпијада во Берлин

Во период од 17. до 25. јуни 2023 година тим од 13 атлети од Специјална Олимпијада – Северна Македонија учествуваше на Светските Специјални Олимписки Игри (Special Olympics World Games) во Берлин. Од настапите во пет дисциплини: кошарка, пливање, бадминтон, атлетика и пинг-понг македонските репрезентативци освоија вкупно 5 медали, и тоа:

-Бронзен медал: Марио Мицковски, пливање, категорија “100 метри слободен стил“;


Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓


-Бронзен медал: Јане Никодиновски, бадминтон;

-Сребрен медал: Јулијана Петровска, атлетика, категорија “Скок во далечина од место“;

-Сребрен медал: Стефан Трпковски, пливање, категорија “100 метри грбно“;

-Златен медал: Агрон Хајредини, атлетика, категорија “Скок во далечина од место“.

Учеството на Светските Специјални Олимписки Игри покажа дека имаме капацитети и тоа, големи. Останатите атлети имаа исто така одлични резултати и демонстрираа неверојатен спортски дух. Докажавме дека можеме да се носиме и со најголемите светски сили, да победуваме и да освојуваме медали светска сцена. Задоволни сме дека достојно ја презентиравме македонската држава, а горди дека дури 5 пати нашето државно знаме се вееше на пиедесталот во Берлин – успех кој не се случува ниту секој ден, ниту во некоја друга натпреварувачка категорија.

“За мене, секој еден Член, претставник од нашата Специјална Олимпијада – Северна Македонија е победник. Заедно покажавме како со посветеност, вложен труд и многу работа резултатите се загарантирани. Освоивме 5 медали, но уште поважно – ги освоивме и срцата на присутните во Берлин, а верувам и во Македонија. Навистина се гордееме со сите наши атлети, партнери, помагатели и директни учесници во овие Светски Специјални Олимписки Игри. Честитки и до тренерите кои беа во секој миг до нашите атлети, поддржувајќи ги неуморно.“ – изјави Моника Бошкоска, Претседател на Специјална Олимпијада – Северна Македонија.

На Светските Специјални Олимписки Игри (Special Olympics World Games) македонската Делегација ја преставуваа 13 атлети, 6 тренери, 6 Партнери и 5 Делегати. Успехот во Берлин е плод на многу вложен труд, работа и доверба пред сé.

Во таа мисла голема благодарност за безрезервната поддршка и вербата која ја имаа во нас единствено Агенцијата за Млади и Спорт на Република Северна Македонија и НЛБ Банка Скопје. Веруваме дека успехот ќе биде препознаен и ги охрабруваме сите добронамерни национални Органи и Институции, комерцијални субјекти и заинтересирани да застанат до нас, на страната на успесите.

По повод успесите на олимпијците, Претседателот на УО на НЛБ Банка Скопје, Бранко Грегановиќ, како нивни најголеми поддржувачи, ги сподели силните импресии: „Среќни сме за нашите Олимпијци кои успеаја годинава да го дадат максимумот за време на натпреварувањата во Берлин и со 5-те освоени медали ја докажаа силната посветеност и мотив да се надминат бариерите и да се прошират спортските капацитети и вештини. Им благодариме за ентузијазмот и успесите! Ја делиме со нив страста за спортот, тој за нас претставува универзален јазик кој ни помага да ги надминеме културните, јазичните и физичките бариери. Уште еднаш упатуваме честитки за феноменалните резултати и веруваме дека заедно со нив ќе продолжиме да создаваме подобар свет преку инклузија, и тоа не само во спортот, туку и во сите сфери на општеството.“

Светските Специјални Олимписки Игри имаат за цел обединување на различни култури и нации на едно место, без разлика на нивните ставови и размислувања, придонесувајќи за зголемување на степенот на инклузивност преку спортот. Оваа година, на игрите настапија над 190 земји со 7.000 репрезентативци, поддржани од над 3.000 тренери и 20.000 волонтери. Атлетите се натпреваруваа на 26 различни дисциплини. За време на оваа манифестација, покрај учеството во натпревари, атлетите имаа можност меѓусебно да се дружат, да се запознаат со голем број луѓе ширум светот, но и да ја демонстрираат моќта на подадената рака – со активна вклученост во различни сфери во општеството, како спортот, до стимулирање на развојот на лицата со интелектуална попреченост.

Формирана пред повеќе од 20 години, таа е дел од “Специјална Олимпијада“ (Special Olympics), светски раширено движење активно во повеќе од 150 држави од целиот свет, со над  2.2 милиони активни учесници и околу 750.000 волонтери. Како олимписки партнер на “Меѓународниот Олимписки Комитет“ (International Olympic Committee), “Специјална Олимпијада“ годишно организира и реализира повеќе од 200 национални програми – натпреварувања кои вклучуваат локални, национални, регионални и светски натпревари, турнири и игри.

 “Специјална Олимпијада – Северна Македонија“ функционира како непрофитабилна и невладина организација која опфаќа еден многу важен општествено-социјален сегмент, со посебен акцент кон лицата со пречки во развојот. “Специјална Олимпијада – Северна Македонија“ има 10.000 активни членови, од кои 2.500 се Атлети.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Македонски спорт

Проверете

МЗТ: Не сме маалски клуб, нема да дозволиме да се шират лаги и невистини!

Екипата на МЗТ Скопје поминува низ еден тежок период, а клубот сега се огласи со соопштени…