
Ламин Јамал предизвика бројни реакции по неговата изјава за Златната топка која секоја година се доделува на најдобриот фудбалер за изминатата година.
Ламин Јамал смета дека вредноста на играчите не треба да се мери исклучиво преку бројот на постигнати голови, особено кога станува збор за изборот за престижната Златна топка.
Младиот шпански репрезентативец зборуваше за “France Football”, магазинот што го организира изборот за најдобар фудбалер на светот, и го изнесе своето мислење за она што би требало да ја претставува најважната индивидуална награда во фудбалот.
“Златната топка, според мое мислење, нема никаква врска со бројот на постигнати голови”, изјави Јамал.
Ѕвездата на Барселона смета дека признанието треба да му припадне на фудбалерот кој во текот на годината оставил најголем отпечаток на теренот, а не нужно на оној кој ја завршил сезоната со најдобра голгетерска статистика.
“Златната топка го препознава најдобриот играч на годината, уникатен играч, оној кого е задоволство да го гледаш”, рече Јамал.