
Земете им ги медалите и трофеите. Одговорност имаат и играчите. Не ја сакам таа медалја. Играчите не се виновни, тие само ја вршеа својата работа на теренот. Овие се некои од мислењата кои ги слушнавме од поранешните играчи откако се објави дека Манчестер Сити е прогласен за виновен по 114 точки на обвинение за прекршување на правилата на Премиер лигата.
Џејми Карагер даде поинаква перспектива. За него не е пресудно медалјата како физички објект, туку она што ја претставува – спомените и емоциите кои ги имаат и играчите и навивачите до крајот на животот.
„Имав среќа да освојам неколку медалји, но и натаму не ги гледам медалјите како само медалји. Она што се случува е дека моите мисли одеднаш се враќаат на тие моменти и сите емоции се собираат во мојот стомак. Се потсетувам на свирежот на судијата кој го означи крајот на големиот натпревар, се сеќавам на Јержи Дудек кој одбрани пенал и чувството што го имав тогаш“, започна Карагер за Скај спорт.
„А има играчи кои никогаш нема да го доживеат тоа чувство, бидејќи Манчестер Сити им го украде. Тоа е нешто што тие не добија. Не верувам дека играчите ќе се грижат доколку им дадат медалја која би ја однеле дома и ја ставиле во собата со трофеи и никогаш повеќе не би ја погледнале. Не, тоа не им значи многу, но останаа без тоа чувство, без тие спомени“, продолжи Карагер.
„Затоа не мислам дека прави разлика дали некој би добил медалја сега, тие изгубија многу повеќе со тоа што не го доживеаја моментот. Кога како фудбалер ќе победиш нешто, никој не се сеќава на медалјата. Се работи за тоа како си се чувствувал после, каде си бил, што си направил, кои луѓе си ги сретнал.
Како што реков – тој последен свиреж на судијата, некој кој постигнал неверојатен гол. Тоа ти дава неописливо чувство, тоа е нешто посебно кога си фудбалер.
Така што целата оваа приказна околу тоа дали некој ќе врати медалји или не – тоа нема да значи ништо оти луѓето ја изгубија можноста да го имаат тоа чувство, исто и навивачите, не само играчите“, продолжи и заклучи:
„Значи, не е важно дали се тоа навивачи на Ливерпул или Манчестер Јунајтед или било кој друг тим на било кое натпреварување или куп натпревар… си го изгубиле моментот за паметење и тоа никој не може да им го врати, тоа што можеле да го носат до нивниот животен крај, спомени со кого биле, каде биле. Приказни и спомени. Не се работи за медалјите, туку за чувствата, тоа е она што Манчестер Сити ги ограби“, заклучи поранешниот играч на Ливерпул.