
Личноста којашто би ја сакала италијанската фудбалска федерација на клупата на репрезентацијата е Пеп Гвардиола. За него се подготвени да направат исклучок дури и кога станува збор за платата, иако ограничениот буџет на федерацијата досега се истакнуваше како еден од главните проблеми.
Сепак, како што пренесува Газета, посебните изасланици Паоло Малдини и Леонардо се вратија од Барселона без многу оптимизам. Поранешниот тренер на Барселона, Бајерн и Манчестер Сити е апсолутниот прв избор на раководителите на италијанскиот фудбал, а по разговорот со претседателот на федерацијата му бил претставен амбициозен и сеопфатен проект.
Гвардиола би бил во центарот на целосно нова фудбалска филозофија која не би се однесувала само на сениорската репрезентација, туку би ги опфаќала и младинските категории. Идејата е од корен да се промени начинот на работа во италијанскиот фудбал, а таков проект сигурно би можел да го заинтересира стручњакот кој кон фудбалот пристапува со посебна страст и предаденост.
Малдини и Леонардо се обидоа да го убедат дека би можел да состави стручна екипа која ќе му овозможи што повеќе време да поминува со семејството во Барселона. Сепак, Гвардиола е загрижен за обемот на работа и одговорностите кои би ги преземал.
Шпанскиот тренер не е навикнат да работи со половина сила. Неговата кариера покажува дека на секоја работа се посветува максимално, поради што постигнуваше врвни резултати каде и да работеше. Овој пат на своето семејство им вети дека подолго ќе остане со нив, што не можеше од времето поминато во Бајерн.