Дома Фудбал Халанд ја откри нервозата во Сити: Кога нема победи, се сомневаш во сè

Халанд ја откри нервозата во Сити: Кога нема победи, се сомневаш во сè

Халанд ја откри нервозата во Сити: Кога нема победи, се сомневаш во сè

Доцното израмнување на Рајан Шерки спречи пораз на Манчестер сити од Наполи, но не ја тргна загриженоста на „Етихад“. По ремито од 2-2 во Лигата на шампионите, Ерлинг Халанд отворено зборуваше за несигурноста што ја носи лошата серија.

Норвежанецот не бараше оправдувања за изданието на својот тим, кој повторно имаше проблеми и со контролата на играта и со одбраната.

„Се обидовме да притиснеме, но не успеавме. Ова не е доволно добро. Премногу лесно им дозволувавме да ни се заканат, а ние не можевме да го контролираме натпреварот и да напаѓаме како што сакаме. Кога победуваш, сè изгледа лесно и точно знаеш што треба да направиш. Кога нема победи, почнуваш да се сомневаш во сè“, изјави Халанд за ТНТ Спортс.

Напаѓачот смета дека квалитетот не е спорен, но дека Сити мора да најде начин да го преточи во подобра игра.

„Имаме многу квалитет. Треба да го извлечеме од секој играч. Мора повторно да се собереме, да останеме позитивни и да внесеме енергија на теренот“, порача тој.

Бројките јасно го покажуваат главниот проблем на составот на Енцо Мареска: десет натпревари во сите натпреварувања без зачувана мрежа и 20 примени гола. Во тој период тренерот употреби осум различни комбинации во последната четворка, но стабилноста и натаму недостига.

Против Наполи одмор доби Рубен Дијаш, а Марк Геи и Јошко Гвардиол првпат сезонава почнаа заедно како стоперски тандем. Ниту таа промена не ги затвори слабостите. Расмус Хојлунд ги казни проблемите на Сити при високиот притисок на гостите, додека Ноа Ланг погоди по центаршутот на Леонардо Спинацола во противнапад.

На другата страна, влегувањето на Жереми Доку помогна при првото израмнување, а Шерки со доцниот погодок го обезбеди бодот. Сити остана шести на табелата во Лигата на шампионите, но со опасност да испадне од првите осум по натпреварите во среда.

Мареска призна дека одбранбениот учинок бара итна поправка, иако смета дека неговиот тим создавал доволно шанси, а Наполи бил ефикасен во завршницата.

„Примаме премногу голови, тоа е јасно. Тоа е нешто што мора да го поправиме и можеме да го направиме. Никој не ги сака овие моменти без победи, но мора да бидеме трпеливи, да учиме и да продолжиме понатаму“, изјави тренерот.

Простор за мирно барање решенија речиси и да нема. По само еден освоен бод во последните четири премиерлигашки средби, Сити в недела му гостува на Арсенал.

„Следно одиме кај шампионот. Тоа е најтешкиот натпревар во сезоната. Ќе ни треба врвно, навистина врвно издание“, предупреди Халанд.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Два удари со глава, три бода за Бетис: Кучо го реши Слован во Братислава

Кучо Ернандез ги постигна двата гола во победата на Реал Бетис од 2-0 кај Слован Братислав…