Дома Фудбал Халанд доби необична награда

Халанд доби необична награда

Иако во глобалната јавност е главно познат по својата надмоќна игра и постојано погодување на противничките мрежи, норвешкиот репрезентативец и напаѓач на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, ја покажа и својата друга, социјално активна страна.

Поради исклучителен придонес во промоцијата на книгите и културата на читање, Норвешката библиотекарска асоцијација му ја додели престижната награда “Пријател на годината”.

Поради спортските обврски, 26-годишниот фудбалер не можеше лично да присуствува на свечената додела. Наградата во негово име ја презедоа неговите млади сестри, 12-годишната Норах и 14-годишната Софи.

Сепак, Халанд испрати инспиративна порака до присутните, каде што ја потенцира важноста на образовниот систем.

“Да живеат писателите, учителите, учениците, училиштата и книгите. Сите тие заедно гради тимска работа од огромно значење”, порача Халанд.

Љубовта кон пишаното слово неодамна доби и конкретна, историска димензија. Фудбалската ѕвезда оваа година испиша историја во норвешкото колекционерство со купување на најскапата книга во историјата на својата земја.

Станува збор за првото печатено норвешко издание на “Кралските саги”, ремек-дело на исландскиот хроничар и поет, Снорри Стурлусон. За овој културен раритет, Халанд издвои импресивни 120.000 евра, односно 1,3 милиони норвешки круни.

Освен зачувување на националното наследство, напаѓачот на Сити активно инвестира во локалната заедница и младите. Својата поврзаност со родниот Брајне, градот каде што ги направи првите чекори во фудбалот, ја потврди со донација на локалната библиотека.

Неговиот ангажман вклучува и спонзорство на натпревар во читање за основните училишта во провинцијата Рогаланд. Мотивацијата за учениците не може да биде подобра – победничката класа ќе биде гостин на Халанд на натпревар на норвешката репрезентација во Осло, при што фудбалерот лично ќе ги покрие сите трошоци за транспорт, престој и учество.

Зад овие потези стои личната рефлексија на Халанд, но и важна порака за идните генерации.

“Имам силна врска со Брајне и купувањето на споменатата книга е мој подарок за тоа. Никогаш не бев претерано заинтересиран за читање и многу ми е жал поради тоа. Сега сфаќам колку е важно тоа во рано доба, во време кога сонувањата се креираат”, искрено изјави норвешкиот ас, покажувајќи дека вистинските победи не се остваруваат само на фудбалските терени.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Погледнете каков спринт направи Адејеми во 90. минута (Видео)

Иако Барселона извојува убедлива победа против Расинг Сантандер со резултат од 7:2, главна…